Конференција за заштита на културното наследство во Белград

Денес, (петок, 10 јуни 2011 година) во Белград, Република Србија се одржува Седмата министерска конференција на УНЕСКО за заштита на културното наследство на земјите од Југоисточна Европа.

Организатор на овогодишната конференција е Министерството за култура, информирање и информатско општество на Република Србија и Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција. Македонската тричлена делегација ја предводи заменик – министерот Драган Недељковиќ.

Главни теми за кои се дискутира се: како да се развие иницијативата за јакнење на културното наследство и дијалогот во регионот со учество на граѓанскиот и приватниот сектор, како конкретно да се зајакнат иницијативите за регионалната соработка, како да се овозможи одржливост на културниот туризам, едукација на младите кадри, одржливост на културното наследство, како и негова навремена заштита во време на кризи.

Одржувањето на 7-та министерска конференција претставува континуитет на одржување на министерските средби за културно наследство и регионалните самити на претседатели на држави кои се реализираат секоја година во различна држава, а под покровителство на УНЕСКО. Овие средби даваат посебен придонес и енергија за заемна соработка и успешна реализација на координативни активности на земјите на ЈИЕ во областа на културното наследство.

Потсетуваме дека Министерството за култура беше домаќин на 3-тата министерска конференција, одржана 2006 година во Охрид.

You May Also Like