Матеја Матевски со титула „восхитувачки поет“ во Индија

Редакциска комисија на индиското списание за поезија „Инчентин версис“, предводена од проф. Д-р Рамеш Чандра Мукопадаја и поетот Сонет Мондал, донесе одлука да му го додели индиското поетско признание „Восхитувачки поет“ на македонски поет Матеја Матевски.

Признанието се доделува за исклучителен придонес во современата поезија. Истовремено, централните прилози во новиот број на списанието „Инчентин версис“ им се посветени на големиот англиски поет Џон Милтон и на македонскиот поет Матеја Матевски. Притоа, во списанието е објавена опсежна био – библиографија на Матевски и две негови антологиски песни.

Објавувањето на поезијата на Матевски во списанието „Инчентин версис“ е резултат на воспоставената соработка со македонското списание за литература, уметност и култура „Стремеж“. Неодамна поетот Јовица Тасевски – Етернијан, кој е уредник во редакцијата на „Стремеж“, беше именуван и за уредник-консултант на „Инчентин версис“.

Соработката меѓу „Стремеж“ и „Инчентин версис“ наиде на позитивен одглас во неколку светски медиуми од областа на културата. Во освртот објавен во американското списание за уметност и култура „ЕРИ Џемс“, авторот Рон Мареј истакнува дека на тој начин „традицијата му подава рака на 21 век“ и дека „оваа соработка отвора прозорец за запознавање на поетите со македонската, како и со современата европска литература“. Во информацијата објавена во еден од најчитаните книжевни портали „Азија врајтс“, пак, се истакнува дека оваа соработка ќе придонесе да се развијат нови доживувања на поезијата и дека истовремено им овозможува на објавените автори да бидат видливи онлајн и претставени во печатено списание.

„Инчентин версис“ е современо електронско списание за поезија што се објавува на англиски јазик и излегува четири пати годишно. Главен уредник е професор Рамеш Чандра Мукопадаја, троен магистер по англиски јазик, англиска книжевност и компаративна книжевност и доктор по индиска книжевност, а одговорен уредник е еден од најафирмираните помлади индиски поети, Сонет Мондал. Освен поезија, во списанието се објавуваат и критички осврти за поетски книги, како и научно-истражувачки трудови за познати светски автори.

You May Also Like