На 27 август во Крива Паланка ќе се одржи првиот рок фестивал JoyFest. По тој повод најавено е реоформување на неколку групи заслужни за рок музиката во овој град, како и настап на атрактивни имиња од домашната рок и поп-рок сцена.
На првото издание од ЈоyFest дел од вечерта ќе биде посветен на локалната рок сцена, со своевиден времеполов низ истата. По тој повод неколку групи по долги години пауза ќе се реоформат и повторно ќе застанат пред кривопаланечката публика: „Витези“ и „Акорди“, луѓето кои ги имаат донесено рок музиката и првата гитара во Крива Паланка, после 40 години, со заеднички сили ќе излезат на сцената.
Групата „Стоп“, после 20 години ќе го донесат ритамот на блузот, а „Партали“, кои им се познати на помладите генерации кривопаланчани, ќе ги отпеат своите авторски песни. Овој музички блок ќе го заокружат актуелните и атрактивни „Вертиго“.
Од поп-рок сцената на JoyFest ќе настапи Иван Раденов-победникот на македонскиот идол, придружен од група „Аквариус“, „Некст тајм“, како и Бени со „Нон-стоп“.
Идејата на JoyFest е да прерасне во годишна музичка манифестација која Крива Паланка ќе ја стави на музичката мапа на Македонија и регионот.