Вавилонските висечки градини – Светско чудо на Стариот век

Името на градот Вавилон потекнува од зборовитеBaby Lion, Bab-ilim или Babil, што значи “Божја Порта – Портата на Господ.”

Кога Халдејците ја покориле Асирија, Вавилон пак станал богат и силен град, кој со својата монументалност мора да бил изненадување на своето време. Древниот град Вавилон го краселе прекрасни дворци и многу храмови. Тој претставувал непокорлива крепост, опкружен со дебели зидови, чии што урнатини се сочувани и до денес. Вавилон станал трговски и културен центар на целиот источен свет.

На самиот брег од реката Еуфрат, се наоѓал царскиот дел на градот со Царскиот дворец, кој бил одделен од другиот дел на градот со канал. Меѓу каналот и граскиот зид живееле занаетчиите. Трговскиот плоштад се наоѓал зад портата меѓу реката Еуфрат и каналот.

Вавилонци

Вавилонците биле со семитски изглед, темна коса и темен тен. Припадниците на двата пола имале долга коса, која била извиткана во локни. Мажите често, како и жените користеле мириси. Вообичаена облека за двата пола била бела ленена туника, која што достигнувала до стопалата. Кај жените едното рамо останувало непокриено, а мажите носеле наметка и друга горна облека. Како што се зголемувало богатството, кај луѓето се развивал вкусот за бои, па ја боеле облеката со плава и црвена боја, со риги, кругови, коцки или точки. Наместо босите нозе од сумерскиот период, почнале да се носат складни сандали. Жените носеле гердани, нараквици, амајлии и чешли во грижливо исчешланите коси, а мажите со сари ги украсувале стаповите со изрезбарени украсни глави. Околу појасот се носеле убаво обликувани печати со кои ги заверувале своите писма и документи. Свештениците носеле купасти капи за да ја прикријата својата “човечка природа”. Текстилот се ткаел од памук и волна, се боел и везел со таква вештина, поради што бил далеку познат и баран.

Вавилонците биле вешти градители. Граделе куќи со тули од сушена кал, кои ретко имале прозорци, а вратата се отварала кон внатрешниот двор од куќата. Куќите на побогатите жители имале по три-четири спрата. Храмот бил граден на повисоко ниво, кое одговарало на крововите од куќите, а во неговиот двор се одвивале сите религиозни церемонии. Во близината на храмот се издигнувал зигурат (“високо место”) – кула со коцкасти спратови, еден врз друг, кои одејќи кон врвот, се повеќе се намалувале. Целото здание било обвиткано со надворешни скали.

Зигуратот се користел за релириозни намени, а претставувал и опсерваторија  за набљудување на ѕвездите.

Поголемиот дел од вавилонската архитектура бил осуден на пропаст, поради слабиот материјал за градба, тули од сушена кал. Вавилонците најмногу за градежништвото научиле од Сумерите, особено правењето на водни канали, а исто така од нив ја пренеле писменоста и науката. Вавилонското писмо било клинесто писмо и било многу тешко за читање, како и египетските хиероглифи. Пишувале со помош на зашилен дрвен молив на плочи од влажна глина, а потоа ги сушеле и печеле. Многу научници во текот на неколку десетици години се мачеле да го прочитаат. Начинот за читање на тоа писмо го изнашол Гротефенд, а англичанецот Раулинсон утврдил како се чита.

Вавилонците како богови ги почитувале небесните светила – сонцето, месечината и пет планети. Секоја фамилија имала домашни богови на кои им се молеле секое утро и вечер. Како главен бог го сметале Мардук, цар на сите богови. За него било изградено гигантското светилиште, како и огромен амбар за складирање на пченицата за боговите и свештениците.

МАРДУК

Зачуван е еден вавилонски мит кој бил создаден уште во времето на Сумерите. Во него се раскажува за создавањето на светот. Во прво време немало небо ни земја, било само море. Тоа море се преставувало во вид на едно чудовиште – Тиамат. Со него стапил во борба богот Мардук. Убивајќи го Тиамат му го распарал телото. Со едната половина од телото го направил небото а со другата половина земјата, морето и реките. Потоа расфрлил по земјата семиња од разни растенија, од земјата направил животни и луѓе, и најпосле созидал храмови и градови.

Во земјоделскиот Вавилон се почитувал и богот на плодноста Тамус. Земјата ја обработувале земјоделци-закупци, робови и селани кои имале сопствена земја. Земјата била наводнувана преку сложен систем на многубројни, поврзани канали. На богато наводнуваната земја успевале разни житарици, големи овоштарници со најразлични плодови, а особено урми, од кои се правело и вино. Исто така се одгледувало гројзе, маслинки, праски, црешни и др.

Некои од жителите на Вавилон се занимавале со откопување на нафта, бакар, олово, железо, сребро и злато, а се развила и вештината на лиење на метал. Вавилонците имале ковани пари, при што најмалата пара се викала ШЕКЕЛ во вредност од денешни 2,5-5 долари, а најголемата пара се викала ТАЛЕНТ во вредност од денешни 10000-20000 долари.

Сумерските и вавилонските свештеници (жреци) ја претставиле основата на астрономијата – наука за движењето на небесните тела. Тие добро го познавале распоредот на звездите на небото, како и патиштата на нивното движење. По движењето на небесните тела божем ја дознавале вољата на боговите и ја претскажувале иднината. Вавилонската година имала 12 месеци, а месецот 4 седмични недели. Секој седмичен ден се викал по името на еден од главните небесни богови. Основите на вавилонскиот календар ги зеле Римјаните, кога ги покориле источните земји, а од римјаните денешните народи. Вавилонците мислеле дека небесниот свод се свртува за 24 часа. Секој час има 60 минути. Таа поделба на денот и ноќта е задржана до ден денес.
Вавилонците и Асирците добро ја познавале геометријата. Сето тоа знаење од областа на астрономијата и математиката од вавилонците преминало на грците, а од грците на другите европски народи.

Набукодоносор,  Големиот цар на Вавилон (604 – 562 п.н.е.)

Вавилон најголем подем доживеал во периодот на владеењето на Набукодоносор, најпроучениот цар на Халдејскиот Вавилон. Иако бил неписмен и не сосема ментално здрав, тој сепак станал еден од најмоќните владетели на своето време, на Блискиот Исток и најголем војсководец и градител во целата низа на вавилонски кралеви.

Набукодоносор го наследил својот татко Набопаласар, кој бил основач на нововавилонската држава и заповедник на асирскиот крал. Набопаласар створил силна држава и го почнал градењето на Вавилон во кое што учествувале и неговите синови. Набукодоносор, како најстар син и негов љубимец, исто така учествувал во градењето. Набопаласар го оженил својот наследник, Набукодоносор за убавата Семурамат (Семирамида) – ќерка на Кијаксар, владетелот на Медија. После смртта на својот татко, Набукодоносор со подршка на јакото свештенство го обезбедува престолот. Тој владеел долго, цели 43 години, носејќи го Вавилон до врвот на својата моќ.

Набукодоносор бил голем градител. Изградил нови и ги обновил старите храмови како би ја имал подршката од свештенството, тогаш важна политичка сила. Вавилон станал најраскошен град во тоа време. Го краселе монументални градби и широки улици, зигурати, палти и друго. Најзначајни од сите негови градби се висечките градини кои ги изградил за својата жена, а кои денес се вбројува во седумте светски чуда на стариот век.

Вавилонските висечки градини – Светско чудо на стариот век

 

Остатоците од висечките градини во Вавилон се наоѓаат на источниот брег на реката Еуфрат, на околу 50 километри јужно од Багдад, во Ирак. Легендарните висечки градини се изградени за време на владеењето на Набукодоносор и тоа по желба на неговата жена Семирамида, која потекнувала од Медија и особено го сакала планинскиот пејсаж. Поради ова овие градини уште се нарекуваат и висечките градини на Семирамида. Една од претпоставките е дека пустината на Месопотамија предизвикувала депресија кај Семирамида, која копнеела по зелените, планински предели на својот роден крај.

Од преголема љубов кон својата жена, Набукодоносор наредил да се изгради монументална градба, каде што таа ќе се чувствува како во родниот крај.

Деталниот опис на висечките градини е најден во делата на грчките историчари Берос и Диодорус Сикулис. Меѓутоа во таблиците од времето на Набукодоносор ниту на едно место не се споменува постоењето на висечките градини, иако можат да се најдат описи на неговата палата и на самиот град Вавилон. Се до 20-от век, многу мистерии, поврзани со висечките градини не биле откриени. Дури и денес археолозите се уште се борат да соберат доволно докази, пред да ги изведат конечните заклучоци за точната локација на висечките градини, нивниот систем на наводнување и за нивниот вистински изглед.

Се претпоставува дека биле градени во форма на степенести пирамиди составени од повеќе тераси, кои постепено се смалувале, а на самиот врв биле посадени големи дрвја. Целиот комплекс личел на природно возвишување покриено со билки. Изградбата на терасите со помош на полулаци во тоа време била карактеристична само за Вавилонците, кои што први го користеле сводот во градежништвото.

Висечките градини во делата на познатите старогрчки писатели од тоа време, Страбло и Фило Византиски се опишани на следниот начин: “Градините се во форма на коцка со должина на страните од околу 4 плетри (стара мерка за должина). Ги сочинуваат полукружни тавани кои се издигаат над поплочани основи, а терасите се изградени степенасто, една над друга под различни агли. Во градините се одгледуваат егзотични билки,  кои се посадени на самите тераси, потпрени со камени столбови. Потоци вода течат од висините и се спуштаат во облик на слапови преку терасите до дното. Тие ги наводнуваат градините, заливајќи ги корењата на билките и правејќи го влажен околниот воздух. Така тревата е постојано зелена, а дрвата бујаат. Ова уметничко дело со кралски луксуз дава впечаток на природност, затоа што влијанието на човекот во одржувањето на овие градини никогаш не се гледа.”

Со најновите археолошки  испитувања на древниот град Вавилон во Ирак се откриени темели на кралска палата, остатоци од полукружни тавани и одличен систем на наводнување во јужниот дел од палатата, како и масивни зидови со дебелина од 25 метри за кои се претпоставува дека претставуваат остатоци од терасите на висечките градини.

Втора претпоставка е дека градините ги изградила самата асирска кралица Семирамида за време на нејзиното петгодишно владеење. По смрта на својот сопруг, Семирамида владеела како регент, во име на својот малолетен син.  Најновите податоци укажуваат дека висечките градини ги изградил друг владател – Сенахериб, и тоа околу 1000 години порано отколку што се сметло досега.

Александра Тодоровска

You May Also Like