Околу 50 луксузни и несекојдневни олдтајмери и 20-тина моторцикли ќе бидат дел од „Skopje Classic Day“ 2018 што ќе се одржи во недела (14 октомври) на паркот кај авиончето во општина Аеродром.
Меѓу нив ќе има и околу 10-тина автомобили донесени од соседните држави кои за првпат ќе бидат видени во Македонија. Возилата ќе бидат постари од 35 години што е услов за да се класифицираат како олдтајмери.
– Идејата е да се претстават олдтајмерите што ги има во Македонија заедно со возилата кои ќе бидат донесени од четири соседни држави. Граѓаните ќе имаат можност да поминат ден од викендот дружејќи се со одбрани автомобили и моторцикли кои не се гледаат секојдневно, велат во разговор со МИА двајцата организатори на настанот Благоја Петровски и Игор Стефановски, кои неодамна по трет пат во Скопје го организираа и „Distinguished Gentleman’s Ride“.
Во рамки на настанот ќе биде доделена и награда за најдобра целосна презентација што е пракса во државите каде се организираат вакви настани.
Замислено е да има динамична и статична презентација на возилата со кратка приказна за возилото.
– Секој има приказна врзана за своето возило – како го нашол, колку време му било потребно да го рестарвира возилото…, вели Петровски.
Извор: МИА