OFFEST 2013 од 1 до 6 јуни

Програмата на дванаесеттото издание на OFF-Fest носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат познати и значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Годинешното издание на OFF-Fest, што ќе се одржи од 1 до 6 јуни во Скопје, ќе го отвори популарната индиска ситаристка ANOUSHKA SHANKAR и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект “Traveller”, со кој ја стекна номинацијата за наградата Греми и титулата Најдобар музичар на магазинот „Сонглајнс“. Втората фестивалска вечер скопските музички зависници ќе имаат прилика првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на турското TAKSIM TRIO, а истата вечер ќе настапи и нашата гордост, тандемот Елена Христова и Горан Трајкоски со својот проект BIOSCOPIA.

На 4 јуни ќе го видиме првиот состав од Словенија на OFF-Fest. Станува збор за бендот BRINA, предводен од извонредно талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник. Најжешката вечер е, без сомнение, претпоследната (5 јуни), резервирана за „колумбиските Buena Vista SocialClub” – експлозивните ONDATRÓPICA, како и неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација AZIZ SAHMAOUI & UNIVERSITY OF GNAWA. OFF-Fest 2013 ќе финишира на 6 јуни, со инспиративниот аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката KIMMO POHJONEN и со концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти TORI ENSEMBLE.

Во рамките на OFF-Fest, а во соработка со MakeDox, на 3 јуни, ќе биде прикажан документарниот филм за Kimmo Pohjonen – SOUNDBREAKER, а една вечер подоцна со свој ди-џеј сет ќе се претстави QUANTIC, во придружба на FRENTE CUMBIERO, заедно познати под името ONDATRÓPICA SOUND SYSTEM. Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет, Кино Фросина и Арт-кафе Менада.

Билетите за Фестивалот може да се набават во: Југотон Рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com и www.karti.com.mk.

 

ANOUSHKA SHANKAR “TRAVELLER” (Индија/Шпанија)

Анушка Шанкар е денес една од водечките фигури на т.н. музика на светот. Нејзиното творештво влече корени од индиската класична музика како и од музиката на нејзиниот татко, легендарниот Рави Шанкар, кај кого таа се школува од својата девета година. Како композитор, таа ја истражува плодната синтеза на индиската музика со разните музички жанрови како: фламенко, електроника, џез и класична музика. Два пати номинирана за престижната награда Греми, Анушка Шанкар беше најмладиот музичар и првата жена во историјата на Греми, номинирана во категоријата World Music, за нејзиниот албум “Live at Carnegie Hall” (2002), а подоцна и првиот музичар од Индија што бележи настап на доделувањето на Греми наградите (2006), кога беше номинирана за албумот “Rise”. Во 2011-та година, познатата германска етикета Deutsche Grammophon го издаде нејзиното шесто ЦД-издание “Traveller”, што и ја донесе титулата Најдобар музичар од страна на магазинот Songlines, како и номинацијата за наградата Греми во категоријата Најдобар world music албум. Трагајќи по корените на фламенко музиката во традицијата на индиските Раџастани Роми, во создавањето на “Traveller” учествуваат индиски и фламенко музичари.

 

TAKSIM TRIO (Турција)

Taksim Trio, еден од најинтересните музички феномени на Истанбул, е супер-група составена од три врвни музичари. Посветени на своите инструменти и на меѓусебното пријателство, Taksim Trio претставува возвишен пример за она што се случува кога три сродни музички души се соединуваат во една. Низ својата музика, тие ткаат магија, со ориентални звуци што звучат древно, но во исто време свежо и современо. Истанбул со векови претставува точка во која Истокот се среќава со Западот, и токму врз оваа идеја Taksim Trio ја градат својата приказна. Длабоко вкоренети во сопственото музичко наследство и традицијата на турската музика, Taksim Trio инкорпорираат и други стилови во овој традиционален модел како класика и џез, дозволувајќи правецот на нивното музицирање да го прикаже Истанбул во сиот свој раскош, историски и музички. Причината поради која Taksim Trio претставува совршено средство на тројцата виртуози да го изразат сопствениот карактер е најверојатно супериорната контрола на музичарите врз своите инструменти, што доаѓа до израз низ нивните инвентивни импровизации или „таксими“ (зборот „таксим“ на турски значи импровизација).

 

 

BIOSCOPIA (Македонија)

Проектот Bioscopia претставува соработка помеѓу Горан Трајкоски (Сарацени, Падот на Византија, Мизар, Апореја, Анастасија) и Елена Христова, вокалистката на македонскиот етно состав „Баклава“, а од неодамна и пејачка во популарниот турски бенд Baba Zula. Нивниот заеднички албум под наслов Bioscopia (SJF Records, 2011) содржи четиринаесет архаични, традиционални, лирски и обредни македонски песни, во чијашто автентично осмислена обработка музичарите успеваат да го втиснат својот личен, авторски печат. Избрани од Христова, а аранжирани, програмирани и продуцирани од Трајкоски, овие композиции претставуваат извонреден спој на различни музички изрази и влијанија: од византиската традиција, преку класичните форми па се до модерните текови и струења. Благодарение на креативниот потенцијал на двајцата музичари, во Bioscopia е остварен импресивен спектар на акустични и електронски инструменти, хармонски и ритмички решенија, расположенија и емоции. Станува збор за музика што произлегува од богатото наследство на македонскиот народ, надградено, дополнето и адаптирано за слушање денес и утре. Македонскиот одговор на Dead Can Dance?

 

BRINA (Словенија)

Составот Brina, именуван според главната пејачка Брина Вогелник, беше формиран во 2003-та. Црпат мотиви од традиционалната музика, во случајов реанимирана и реаранжирана, но од неодамна, во нивниот репертоар преовладуваат оригиналните композиции. Првите два албума на групата, “Mlado leto” (2004) и “Pasja legenda” (2006), оставија силен печат на глобалната мапа на т.н. музика на светот, стекнувајќи извонредни рецензии, како од критичарите во Словенија, така и во светските музички списанија. По Владо Креслин, Brina е единственото име од Словенија што бележи настап на WOMEX (World Music Expo), во 2006 година. Настапувале, исто така, и во радио шоуто на легендарниот Чарли Гилет на Би-Би-Си. Во 2011-та, по пауза од седум години, Brina се вратија со нов албум, насловен “Slečena koža”, кој продолжува онаму кадешто застана “Pasja legenda”. Годините што изминаа му донесоа свеж стимул на звукот на Brina, создаден во соработка со продуцентот Крис Екман, член на The Walkabouts и Dirt Music и продуцент на албумите на Tamikrest и Лоби Траоре. Албумот “Slečena koža” содржи десет композиции од кои неколку се авторски.

 

 

AZIZ SAHMAOUI & UNIVERSITY OF GNAWA (Мароко/Сенегал)

Азиз Самауи е музичар и вокалист познат по својата работа со легендарниот бенд Or¬chestre National de Barbes, како и по соработката со џез-фјужн легендата Џо Завинул. Роден во Маракеш, Азиз почнал да се бави со музика уште од седумгодишна возраст, а својот прв професионален бенд го формирал со свои четиринаесет години. “University of Gnawa” е неговиот прв соло албум со кој Азиз Самауи стекна низа пофалби и признанија од критиката. Поимот Gnawa се однесува на традиционалниот транс и исцелителската музика од граничниот регион помеѓу Мароко и Алжир, но неговите корени може да се најдат и во Сенегал, Гамбија и Мали. Самауи настапува со бенд од Сенегал, а проектот “University of Gnawa” претставува синтеза на звуците од Мароко и Сенегал. Музиката се базира врз мароконскиот инструмент гимбри како и врз сенегамбискиот нгони, но исто така и врз обилното присуство на електрична гитара, клавијатури и перкусии. Музичките расположенија се менуваат како вртењето на еден Суфи дервиш, преминувајќи од тивки тонови, до енергични, трескавични, хипнотички танци. Доживување што не смее да се пропушти!

 

 

ONDATRÓPICA (В. Британија/Колумбија)

Ondatrópica е колумбискиот одговор на Buena Vista Social Club, на можеби малку помодерен начин. Формирани од колумбискиот музичар Марио Галеано (движечката сила на бендот Frente Cumbiero) и од британскиот продуцент Вил Холанд (за пошироката јавност познат како Quantic), Ondatrópica обединува еден фантастичен тим од ѕвезди на класичниот и модерниот стил на колумбиската музика. Идејата е повторно да се оживее традиционалниот звук, промовирајќи ги најдобрите музичари што имале клучна улога во историјата на колумбиската музика. Бендот е формиран и ги бележи своите први настапи за време на Летните олимписки игри во Лондон. Нивниот прв албум беше снимен во познатите студија Discos Fuentes во Меделин, за период од три недели, во јануари 2012 година, во продукција на популарната етикета Soundway Records. Песните на овој албум опфаќаат безвременски теми чии корени ги наоѓаме во шеесеттите и седумдесеттите, но и во прогресивните, модерни композиции на 21-от век. Судир на познатите колумбиски стилови како кумбиа, поро, гаита и чампета со бугалу, ска, бит-бокс, хип-хоп и фанк звукот.

 

KIMMO POHJONEN (Финска)

Кимо Похјонен е хармоникаш од Финска, но да го наречеш Кимо „хармоникаш“ е исто како да ја наречеш Енциклопедија Британика „книга“. Од 1996 година наваму, по многубројните проекти во областа на фолк, денс, театарската и авангардната музика, тој се фокусира на својот соло проект сочинет од екстремни и оригинални композиции, миди-електрична хармоника изработена по негова мерка, семплови во живо и ефекти, динамична сценска изведба, специјално осветлување и „сараунд“ звук. Дизајнот на светлото и звукот се клучни елементи во неговиот перформанс, што го прави настанот извонредно стимулативен, како од визуелна, така и од звучна перспектива. Неговите концерти и неговата музика се сметаат за револуционерни, фасцинирајќи ја подеднакво публиката и критиката со својата бескомпромисна моќ и оригиналност. Кимо Похјонен, чие име ќе го сретнете на повеќе од 50 албумски изданија на други музичари, го објави својот прв соло албум “Kielo” во 1999 година, доживувајќи едногласно брилијантни критики. Оваа година се очекува да излезе неговиот нов соло албум.

 

TORI ENSEMBLE (Јужна Кореја)

Постојат повеќе начини да се модернизира традиционалната музика. Еден од нив е користењето невообичаен инструмент при реинтерпретација на стариот репертоар: на пример, Бах на ситар или The Beatles на бузуки. Постои и поинаков пристап, што можеби бара поголем труд, но може да произведе поинтересни резултати, а тоа е да се задржи сопствениот музички јазик, а во исто време овој систем од звуци да се отвори кон влијанија од сосема различни и далечни музички форми. Токму овој пристап го практикуваат Tori En¬semble од Кореја. Зборот „тори“ означува повеќе начини на кои една музичка традиција е интерпретирана во различни региони на Кореја. Групата постојано трага по нови модели на третирање на ваквите „тори“ и нивно комбинирање со западните музички дијалекти. Во Кореја и надвор од нејзините граници, тие настапуваат под името Tori Ensemble од 2007 година, како група од четворица корејски традиционални музичари, но и под името Tori Project, со тројца американски фри-џез артисти: Ned Rothenberg, Erik Friedlander и Satoshi Takeishi. Посветувајќи се на врвното музицирање, на песните со корејско потекло и на блескавите импровизации, тие создаваат стара и нова музика од некои далечни предели.

www.offest.com.mk

You May Also Like