Познатиот македонски уметник со светско реноме Дуке Бојаџиев вечерва (четврток, 8 август) ќе биде дел од фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 22 часот, а освен него, како вокал и клавирист, ќе настапат Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас, Костас Анастасиадис на тапани, како и Наташа Петровиќ, вокал и нарација.
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, пијанист и продуцент кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата интернационална кариера, Дуке има работено со добитниците на Оскар, Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ и Столе Попов.
Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како: „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и „Телепоп Мјузик“, а има настапувано во светски концертни сали меѓу кои: „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес и на Античкиот театар во Охрид.