Стрипот „Волшебното катче на Цане“ на „Тхе Мичо“ со награда

Михајло Димитриевски познат како Тхе Мичо, на Балканската смотра на млади стрип автори во Лесковац награден за „Сатиричен стрип каиш 2012“. Тој беше награден со специјалната награда во чест на Миодраг Величковиќ – Мивел, награда која првпат е воспоставена минатата година.

Тхе Мичо или Михајло Димитриевски е познат по цртежи за анимираната серија „Еднооки“, стриповите и анимациите за кучето Петко +, цртач на балканските стрип серијали „Вековниците“ и „Забава за целото семејство“, детскиот стрип „Чунга Лунга“ и голем број на други стрипови  и илустрации.

Наградениот стрип „Волшебното катче на Цане“ е приказна за дете кое се обидува да се снајде во македонските транзициски премрежја, притоа соочувајќи се со морални и индивидуални кризи, институционални и социокултуролошки предизвици.

Уметничкиот израз на Тхе Мичо е оценет како сурово реалистичен со ненаметлив сарказам и со присутна натуралистична линија. Стрипот може да се погледне на страната на Македонски стрип форум или на фејсбук профилот на ТхеМичо.

Балканска смотра на млади стрип автори се одржува во Лесковац веќе 14 години, кој е еден од центрите на стрипот во Србија. На 14-тата стрип смотра учество зедоа 394 стрип автори од 16 земји. Македонските стрип автори се редовни учесници и секоја година понесуваат некоја награда.

– Македонската стрип заедница постои и е една од поценетите на овие простори за што зборува и фактот дека секоја година добиваме некоја награда. Се шириме и стануваме се побројни што е одлично и од културолошки аспект затоа што тоа значи дека стрипот како мултимедијална уметност, а сепак во ова време класична, не ги изгубил своите вредности и се уште се јавуваат и млади деца кои се заинтересирани за стрипот, вели Димитриевски.

Наградите беа доделени од страна на стручното жири, составено од Јурица Дикиќ, стрип цртач и карикатурист, Нинослав Миљковиќ, стрип цртач и карикатурист и Предраг Станковиќ, стрип теоретичар и писател.

You May Also Like