Отвoрање на 42-та Светска галерија на карикатури – Скопје 2014

Светската галерија на карикатури по 42 пат ќе биде отворена во галеријата Остен во Скопје, на 29 мај 2014 (четврток), во 20:20 часот. Во таа пригода ќе бидат и официјално објавени имињата на годинешните добитници на награди и на посебни признанија

Ова издание на традиционалната Светска галерија на карикатури го одбележаа досетливи и провокативни дела, кои преку призмата на комичното покажуваат како изгледа светот денес. Од таа богата конкуренција на нацртани идеи и пораки, произлегоа и одлуките на жирито:

– Валериј Момот, Украина – Прва награда за карикатура
– Валентин Дружинин, Русија – Прва награда за стрип
– Лук Вернимен, Белгија – Прва награда за сатиричен цртеж
– Петар Митров, Македонија – Награда Цицо (за македонски карикатурист)

Добитници, пак, на Посебна награда се:
Рамзес Моралес, Куба
Слободан Срдиќ, Србија
Лук Дешемекер, Белгија
Ерај Озбек, Турција
Јири Новак, Чешка
Владимир Павлик, Словачка
Божидар Божо Стефановиќ, Босна и Херцеговина
Павел Константин, Романија
Дарсоно, Индонезија
Фенг Гуибо, Кина

Инаку, пристигнатите 764 карикатури, стрипови и сатирични цртежи, кои се дела на 229 карикатуристи од 52 држави, беа оценети од петчленото жири во состав:

Џавад Ализадех, Иран – карикатурист, основач и уредник на магазинот „Танз-О-Карикатура“
Марлене Похл, Германија – карикатурист и илустратор, генерален претседател на ФЕКО
Ленг МУ, Кина – карикатурист и директор на Музејот на карикатури GooglM
Мидхад Ајановиќ АЈАН, Шведска – карикатурист, автор на анимирани филмови, публицист
Мице Јанкуловски, Македонија – карикатурист и директор на ОСТЕН

Според Иранецот Џавад Ализадех, кој и пред 28 години бил член на жирито на Остен, преку карикатурата како медиум треба да се промовираат толеранцијата, умереноста и мудроста. Тој ефект го имаат и карикатурите на годинешните учесници на Светската галерија во Скопје.

* * * * *

Светската галерија на карикатури е формирана од Редакцијата на списанието „Остен“ во далечната 1969 година. Во нејзиниот историјатот е забележано: прва е на Балканот, се вбројува меѓу најстарите во светот (заедно со оние во Монтреал – Канада, Толентино – Италија), и е единствена манифестација од овој вид во Македонија.

Во текот на последниве години од обновувањето на Светската галерија, доминантен е личниот ангажман и ентузијазам на сите оние кои веруваат дека овој македонски бренд ќе го совлада и времето.

You May Also Like