Вечерва започнува Пиволенд 2011

Вечерва (среда, 31 август 2011 година), во 17:00 часот на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, со настапите на Scratch that Drum, Alexandroff Ragtime Band, Gillespie, Rage Against the Machine Real Tribute band, Lollobrigida, ќе стартува четвртиот по ред „Пиволенд 2011“. Првата вечер на „Пиволенд 2011“ ќе кулминира со настапот на најпознатиот македонски диџеј, Кирил Џајковски.

Фестивалот на пивото, што ќе трае пет вечери до 4-ти септември (недела), се одржува под покровителство на Град Скопје, а традиционално е во организација на Здружението на граѓани Пиволенд и Password production. Вечер во 21 часот, на сите гости на 4-от Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2011“, ќе им се обрати Градоначалникот на Грaд Скопје, Коце Трајановски.

Во петте фестивалски вечери ќе настапат познати музички имиња од Македонија и од странство. Од домашната музичка сцена: Есма Реџепова, Синтезиз, Ареа, Љубојна, Фолтин, Летечки пекинезери, а од странските музички ѕвезди на „Пиволенд 2011“ ќе настапат Јура Стублиќ и групата „Филм“; Хладно пиво; Ритам Нереда; Magnifico; E.T.; Roni Size; Darkwood Dub и многу други.

Јавното претпријатие ЈСП и Град Скопје за потребите на посетителите на Фестивалот, годинава организира превоз до Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и назад, а билетот е со редовна цена на чинење, а автобусите коишто ќе ги превезуваат патниците, ќе сообраќаат на одредените релации:

– Почетна станица -Транспортен центар со време на поаѓање во : 17, 18, 19, 20, 21, 22, 23 и 24 часот, а трасата на возење е: Транспортен центар; Комплекс Банки; Југодрво; Плоштад Рекорд; Соборен храм; хотел Карпош; Поликлиника Букурешт; Воена болница (сала Б.Трајковски).

– За враќање, автобуска станица кај Салата „Борис Трајковски“ (Воена болница) во : 17:30, 18:30, 19:30, 20:30, 21:30, 22:30, 23:30 и 00:30 часот и тоа Воена болница; бул. Илинден; бул. 8. Септември; бул. Партизански Одреди; плоштад Рекорд; Зелен пазар; Југодрво и повторно до Транспортен центар.

You May Also Like