Иконата на џанглот Leroy Small доаѓа во Скопје

Во сабота, 8 јуни, во дворот на Капан aн, во Старата скопска чаршија, ќе настапи Британецот DJ SS – еден од втемелувачите на драменбејсот – жанрот без кој денеска не може да се замисли популарната музика.  Leroy Small, попознат под псевдонимот DJ SS (Scratching Stein), има еден куп достигнувања во својата долгогодишна кариера.

Тешко е да се разграничи која негова улога има поголема историска важност – диџејската, продуцентската или издавачката. Како DJ има импресивен стаж – почнува да врти плочи на 14-годишна возраст, а веќе една година потоа ја добива својата прва резиденција. Правиот замав го добива кога се појавува и во улога на промотер на журките во својот роден град – Лестер. Кога на неговите вечери почнуваат да се продаваат преку 2.000 карти, приказната за DJ SS се пробива во Лондон, а многу брзо и низ останатите клабинг центри во земјата. Ново поглавје во популарната музика отвара со основањето на Formation Records – една од најстарите и највлијателните драменбејс издавачки куќи на сцената. Името на оваа издавачка куќа воопшто не доаѓа случајно – Formation учествуваше и продолжува да учествува во дефинирањето на драменбејсот како жанр.

Многу плочи кои го промениле текот на драменбејс изразот, (посебно во деведесеттите години на минатиот век), се издадени за оваа етикета. За Formation Records имаат издавано имиња како: Grooverider, Shy FX, Bryan Gee, Roni Size, Krust, Kenny Ken, John B, Mickey Finn, Twisted Individual…

Како продуцент ги потпишува двата од најголемите џангл /old skool драменбејс хитови – ‘Black’ и ‘Lighter’. Ако ви се допадне трака од артист по име Keen или Tekniq, знајте дека се работи за DJ SS – тоа се двата познати псевдоними, под кои исто така продуцира. Сиве овие години DJ SS успева да го зачува интегритетот во тоа што го работи, така да неговото име и неговата дискографска куќа се исклучително ценети во музичките кругови.

Денес DJ SS интензивно настапува ширум светот, а како промотер ги организира концептуалните журки “The World of Drum & Bass”.

На 8.јуни ќе имаме прилика да уживаме во сет на човек кој учествувал во креирањето на еден жанр. Навистина несекојдневна прилика – со оглед дека малкумина од таа прва генерација џанглисти, се сѐ уште активни.

Подиумот ќе го загреат домашните диџеи Могли, Драш, Дарко Степиќ и Хајпертек, а специјално  засилување ќе биде мајсторот на микрофон, MC Mane Rootsman.

Настанот започнува на полноќ, а влезот чини 200 денари.

You May Also Like