Поп и рок-бендови од Македонија и Бугарија на концерт во Куманово вчера вечер настапија во Куманово …
Концерт на победниците на „Rock’n Pop The Borders” се одржа вчера на градскиот плоштад во Куманово. Бендови од Македонија и Бугарија настапија пред кумановци како дел од завршната манифестација на проектот финансиран преку ИПА-Програмата за прекугранична соработка.
Проектот заеднички го имплементираат здруженијата Регионален центар за одржлив развој-Кратово и „Партнери – Дупница“ од Дупница, Бугарија. На конкурсот се пријавиле 25 бенда, а избрани биле десет. На градскиот плоштад во Куманово настапија седум бендови од двете држави: „Problem Solved”, „TV Range“, „Визија” и „Polemique” од Македонија и „Enkhaosment”, „Chainsaw Babies” и „Bunch of Assholes” од Бугарија.
Според организаторите, целта на проектот е промоција и афирмација на младите автори на рок и поп музиката во двете држави. Тие очекуваат дека во регионот ќе се формира сцена на која младите автори на рок и поп музика ќе се афирмираат пред новата публика. Проектот овозможува и откривање и поддршка на нови таленти.
– Овие бендови се натпреваруваа за избор за најдобра авторска песна за млади бендови од Бугарија и Македонија. На оваа манифестација и претходеа повеќе активности, меѓу кои и основање на веб платформа на која заинтересираните бендови можеа да се регистрираат, а потоа следуваше онлајн гласање, изјави Јасмина Давитковска од Регионален центар за одржлив развој-Кратово.
Според Ѓорѓи Илиев од „Партнери – Дупница” од Бугарија, овој настан им овозможува на членовите на бендовите да најдат поширока публика во двете земји, да се експонираат и да се промовира урбаната култура во прекуграничниот регион.
Во рамките на проектот бендовите пред еден месец настапија и на концерт во Дупница, Бугарија. За овој проект од ИПА-Програмата за прекугранична соработка одвоени се 82.000 евра.