Аљбан Муја со изложбата „Именување“ доаѓа во Скопје

Денеска (9 септември, вторник) во Serious Interests Agency (Ѓорѓи Пешков 6 / прв кат / 1000 Скопје / Македонија) во 20:00 часот ќе биде отворна изложба на Аљбан Муја „Именување“. Изложбата ќе биде отворена до 5 октомври 2014.

aljban_muja_imenuvanje(sia)

Изложбата „Именување“ се состои од неколку одделни проекти на Муја обединети под интересот за феноменот на именувањето: „Мое име, нивен град“ (2012), серија од седум фотографии на кои се прикажани личности од Косово именувани по градови во Албанија; „Тониевци“ (2010), фотографија на која се прикажани девет момчиња родени во и по 1999 година на кои им е дадено име Тониблер, по тогашниот британски премиер Тони Блер, доживеан како еден од главните заштитници на косовските Албанци за време на војната во Косово, како и двете видеа, „Палестина“ (2005) и „Тибет“ (2009), кои се документирани лични сведоштва за нивното именување. Сите претставени дела, доволно зборуваат за фасцинацијата на Муја со феноменот на именувањето, но од различни аспекти и во различен контекст. Третирани низ различни медиуми и врз различни индивидуални приказни, стануваат појасни и поединечните мотиви за именувањето во секоја одделна „приказна“. Тоа ја нагласува важноста на навидум едноставното преврамување низ призмата на уметникот и ја оправдува функцијата на конкретната интервенција преку избраниот медиум, дури и кога таа е минимална.

Аљбан Муја (1980), според многумина, е еден од најзначајните современи уметници од Косово, кој припаѓа на помладата генерација што се занимава со критичко преиспитување на сложените, бавни и проблематични процеси на општествената трансформација. Во случајот на Муја, посебно проблемот за именувањето останува еден од централните интереси уште од неговите почетоци („Ослободи го умот“, 2004).

Serious Interests Agency (SIA) е независен центар во Скопје, Македониjа. SIA промовира креативни и теоретски практики кои подразбираат општествен ангажман и промена. SIA ги поддржува уметничките, кураторските и теоретските/истражувачките активности, вклучувајќи го и урбаното и архитектонско истражување. SIA е заинтересирана за проекти кои испитуваат, набљудуваат, анализираат и конструктивно или креативно ги допираат локалните контексти. SIA се занимава со широк спектар на медиуми, како јавни изложби, онлајн изложби, интернационални резиденцијални престои, презентации и отворени дискусии, како и публикации.

You May Also Like