Кланот Исток конечно со нов албум. По осумгодишна пауза, еден од најзанајните македонски хип-хоп групи Клан исток, го подготви својот втор албум „Отворена сезона“, по оној од 2005 година именуван како „Првиот удар“.
Групата постои од 2000 година и е позната по неколкуте синглови („Рапери во криза“, „Од Скопје до Софија“, „Пријател“, „Кој е кој“). Во својата биографија, Кланот Исток ги има впишано неколкуте гостувања во Србија и Бугарија, како и повеќе настапи во Македонија (МКЦ, Б2, Кастро), има настапувано како предгрупа на членот на легендарните Wu tang Clan – RZA, била предгрупа на познатиот американски рапeр Jeru The Damaja, учесник на Балканскиот хип хоп фестивал, една од ретките групи кои снимала спот на филмска лента, а како дел од нејзините активности се одржување на предавања за хип хоп и урбаната култура ширум државата во Скопје (Филозофски факултет, American Corner, Точка, гимназиите „Јосип Броз“ и „Орце Никоов“), Битола, Струга и др.
По осумгодишна пауза, Кланот Исток повторно се обедини и составен од четворката (Профо, Деко, Алек и Човекот Екс, поддржани од продукциите на Мац А.Д.) својот втор албум ќе го презентира утре (петок, 7 јуни) во кафе-барот „Кај мајка ти и татко ти“, од 21:30 часот.
Влезот е бесплатен, а албумот можете да го набавите само доколку нарачате од специјално подготвениот коктел „Исток“, кој ќе чини 150 денари. Со купената пијачка албумот го добивате гратис. Доколку сакате да го добиете албумот во материјална форма, ќе можете да го набавите само за време на промоцијата. После тоа нема да биде достапен за продажба, а ќе може да се симне бесплатно од сајтот: www.hiphopmacedonia.com.
Албумот „Отворена сезона“ е комплетно снимен во студиото „Арена рекордс“, и е текстуално и звуковно позрел, но со истата бум бап енергија на својот претходник.