Денеска, во просториите на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, ЈУ Детски културен центар „Карпош“, го прослави јубилејот 65 години од своето постоење и работење.
– Ова за нас претставува навистина голем јубилеј, постоењето на Пионерскиот дом, а денеска Културен центар „Карпош“. Овој Центар опстои 65 години, благодарение на тоа што вработените знаеја да ги препознаат и следат детските соништа и желби, токму затоа во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите некогашни, сегашни, но и идни генерации на карпошовци, оние што го посетуваа, членуваат и ќе доаѓаат во Домот, но и на сите оние што вредно работат за да ја измамат највредната работа денес, а тоа е секако е детската насмевка, истакна директорката на ДКЦ „Карпош“, Ружа Ѓорѓеска.
Во рамки на официјалното одбележување на 65-годишнината беше промовирана Монографијата 65 години ДКЦ „Карпош“, проектиран документарниот филм за ДКЦ „Карпош“, и беа доделени благодарници, а беше испеана и новата химна на ДКЦ, чијшто автор е Драган Мијалковски, вработен во „Карпош“. Химната на ДКЦ ја изведуваа членовите од хорот на „Златно славејче“, а водител на Манифестацијата беше Марија Петреска.
Монографијата е дело на авторот професор д-р Јован Дамјановски, коавтор е Јордан Самарџиски долгогодишен член на ДКЦ „Карпош“, а промотор беше Бранислав Светозаревиќ, директор на Музејот на македонската борба.
– Јубилеите обично се настани на кои со гордост се сеќаваме на луѓето и случките од минатото, но кога на еден ваков ден ќе биде промовирана и монографија за институцијата, тогаш ваквите спомени добиваат неизбришлива димензија, рече директорот Светозаревиќ.
Монографијата „65 години ДКЦ – Карпош“ е книга со 165 страници, во луксузен повез, а авторот Дамјановски потенцираше дека таа е допир со времето и препознавање на минатото и говори за најмладите и најдобрите амбасадори и промотори на македонската култура во Светот, децата од ДКЦ „Капрош“.
Утре на 7 јуни (петок), во Универзална сала, во 19 часот, прославата по повод јубилејот ќе продолжи со свечена Музичко-сценска манифестација. Свеченоста ќе се одржи под мотото „65 години Детски културен центар Карпош – синоним на детското творештво и културата за деца“. Покровител на настанот е сопругата на Претседателот на Р.Македонија, г-ѓа Маја Иванова.