Синоќа (петок, 21 септември, 2012) на гала-вечерта од затворањето на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Големата сала на Домот на културата во Битола, беа доделени наградите за најдобрите годинашни остварувања. „Златна камера 300“ отиде кај „Во мрак“ на Јоланта Дилевска од Полска.
Објаснување од страна на жирито: „Мајсторско справување со богатата визуелност, елегантно осцилирање помеѓу крупните кадри, кои толку многу нè приближуваат до ликовите, што им го слушаме биењето на срцето, и помеѓу широките планови на просторите што ги опкружуваат, селење од сенка во светлина, окото на камерата на Јоланта Дилевска ја открива убавината на мракот, темнината под светлината“.
Наградата ја прими лично авторката, велејќи „Се надевам дека еден ден ќе дојдам во Македонија да снимам филм“.
„Сребрена камера 300“ за „Да се живее“, на Алишер Камидкоџаев од Русија.Наградата во име на добитникот ја прими почесната конзулка на Русија Даринка Крстова.
„Бронзената камера 300“ ја доби „Ова мора да е местото“ на Лука Бигаци кој во последен момент го откажа доаѓањето во Македонија.Наградата во име на добитникот ја прими Најџел Волтерс, претседател на ИМАГО.
Официјалното жири беше во следниот состав Фред Келемен (претседател), Виржини Сент-Мартен, Илија Пенушлиски, Миладин Чолаковиќ, Дамјан Козоле.
Награда од „Нови визии“ му припадна а британскиот кинематографер Дејвид Редекер, кој замина од Битола само ден пред доделувањето на наградите.
Жирито беше во состав Паул Каценбергер, Ева Кришкова, Васко Мавровски.
Градоначалникот на општина Битола, господин Владимир Талевски наградата ја додели на почесниот британски конзул, Лилјана Спировска.
„Мала златна камера 300“ кај краткиот филм со наслов „Рафа“ на кинематограферот Васко Вијана.
Исто така, годинава специјална „Мала камера 300“ е доделена на кинематографијата на краткиот филм „Бардо“ на Владимир Самоиловски, а наградата ја прими режисерката Марија Апчевска.
Гала- вечерта започна со доделување на специјалната награда „Златна камера“ 300 на италијанскиот кинематографер Лучано Товоли од страна на Министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, која истакна „Фестивалот Браќа Манаки и Битола, се простори каде филмските легенди стануваат реалност и каде реалноста на македонскиот филм одамна не е фантазија.“