Министерот за култура Канческа – Милевска со престижна награда

Годинашен добитник на престижната меѓународна награда „Златен чинар“ за исклучителен придонес во областа на културата и уметноста која за првпат се доделува надвор од Република Турција е министерот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа – Милевска.

Оваа значајна меѓународна награда, која за првпат ја добива министер за култура од друга држава, ја доделува Комитетот на престижната манифестација која се одржува по петти пат во општината Коџаели, Република Турција.

Членови на Комитетот за доделување на наградата „Златен чинар“ се истакнати интелектуалци, универзитетски професори, новинари и невладини организации од Република Турција.

Во образложението за доделување на признанието Комитетот потенцира дека Република Македонија е земја која во историјата со својата култура, уметност и традиција е во центарот на вниманието, заблагодарувајќи и се притоа на Канческа-Милевска за заложбите, придонесот и инвестирањето во областа на културата и уметноста не само во Република Македонија туку и пошироко.

На свечениот чин на доделување на оваа престижна награда, кој ќе се пренесува директно на локалните и националните телевизиски канали во Република Турција, ќе присуствуваат претставници на највисокиот политички ешалон на државата, меѓу кои и министрите за култура и за индустрија и трговија на Турција, Ертугрул Гунај и Нихат Ергун. Наградата на Канческа- Милевска вечерва во Коџаели, Република Турција, ќе ѝ ја врачи претседателот на Комитетот „Златен чинар“, господин Волкан Јоксел.

You May Also Like