И по цели пет децении, музичката вечност, контракултурната посебност и социолошкиот феномен „Вудсток“, открива нови, тајни и поинакви видици. Мислевме дека знаеме сѐ за овој музички бисер, ама не било баш така. Секојпат, на секој нареден јубилеј, излегува нешто ново, дотогаш непознато.
Намерите биле добри, ама работите се придвижиле во друга насока. Долго време не се знаеше дека идејата за „Вудсток“ на младите ентузијасти: Џон Робертс, Џоел Росермен, Мајк Ленг и Арти Кифилд, најпрвин била идеја за брза и лесна заработка, а потоа љубов кон рок-музиката, контракултурата и хипи-движењето. Беше рекламиран како „Претставување на водолијата: три дена мир и љубов“, а прифатениот слоган беше „Да водиме љубов, а не војна“. Потоа, со години не беше објавено дека на финансиски план фестивалот бил вистински дебакл – 1,3 милион долари загуба, и многу жалби, поплаки, тужби. Работата се подобри со прекрасниот документарец „Вудсток“, од чија заработка беа намирени долговите.
Фестивалот не е одржан во Волкил, туку во гратчето Бетел. Вудсток бил само најблискиот познат ориентир. Денес никој не знае за ова гратче, ама сите го знаат „Вудсток“. Се планирале 50.000 посетители, ама кога била објавена листата на учесници, настанало вистинско стампедо од вљубениците во рок-музиката – река од млади уште два дена пред да почне фестивалот подигнале хипи-град на местото одредено за концерт и сѐ така, сѐ оди поинаку од првично замисленото во поглед на учесниците, времето и местото на одржување, бројот на посетители, климатските услови, дождот, калта, и што ли уште не. Ама и покрај сѐ, „Вудсток“ успеал да биде саем на музиката и уметноста. Неизбришлив дел е од митот за спектакл (тридневниот фестивал), дискографија (многу издадени музички компилации) и филм (снимениот документарец од самото место на настанот, и многуте други што со текот на годините подоцна се снимени). Четири бурни дена, половина милион млади во кал, закочен сообраќај, 32 учесници, 254 изведени песни, 250.000 платени хонорари.
Не се појавија Боб Дилан, „Битлси“, „Лед Цепелин“, „Дорс“, „Ролингсоунс“ и Елвис Присли, па сепак позначаен собир досега немаше, ниту ќе го има. Тоа е „Вудсток“, гледано строго формално и низ бројки. Но, постои и една друга страна на овој настан, кој сепак не е само обично музичко случување.
Па тогаш што е „Вудсток“? Како прво, тој е најзначаен рок-фестивал на сите времиња. Второ, остави длабоки и неизбришливи траги, како во музиката така и во културата, уметноста и живеењето воопшто. Испраќајќи пораки за мир, слобода и љубов, постави нераскинлива врска помеѓу рокенролот и политиката. Трето, тие добри вибрации и впечатоци, еве, траат веќе цели пет децении. Четврто, според реномираниот музички неделник „Ролингстоун“, овој музички настан е на врвот на листата 50 случувања што го променија рокенролот. И не само тоа, за многу учесници во него, современици, аналитичари и хроничари на музиката, вудсток-авантурата е најдобар пример за контракултурата од 1960-тите и хипи-ерата.
Како и да гледаме, „Вудсток“ е настан што го промени светот.
Но што се случи со тој свет? Или ајде да видиме зошто овој фестивал стана икона на хипи-културата на 1960-тите. Во време кога се подготвуваше и кога се случи овој најголем рок-спектакл, хипи-движењето го достигна својот врв. А знаеме дека мирољубивата животна филозофија на „децата на цвеќето“ не можеше да се замисли без музика. Музиката направи на „Вудсток“ да биде видена една нова, поинаква генерација млади Американци. Помеѓу настапите на учесниците, како и за време на истите тие, истовремено се одвиваа безброј други перформанси. Имаше многу голи, обнежнети тела, слободно водење секс и употребата на опијати, што беше преседан во однос на дотогашната состојба. Денес, од оваа временска дистанца, безмалку сите се согласни дека „Вудсток“ е школски пример за бунт, но и за забава на младите. За контракултура на младите, трасирана од бит-генерацијата, а реализирана од хипи-движењето. Сите тие како поборници на поинаква свест и различен начин на живеење, очекуваа победа на нивните идеи.
Победа, која ќе значеше радикална промена на светот. Сепак, за жал, до тоа никогаш не дојде. Остана дилемата, дали тоа беше почеток на крајот на една епоха или само илузија на „децата на цвеќето“. Дали тоа не беше наивна утопија за живот на вечната младост, љубов и мир. Тогашните борци против војната, активисти за еднакви човекови права за сите, скромно однесување и живот во комуни, многу брзо по „Вудсток“, се стопија во секојдневието на суровиот и неправеден капитализам. Некои од нив станаа дури и негови креатори. Деца на љубовта, мирот и правдата – деца изедени од сопствената револуција. Од митинзите за протест, од масовните рокенрол-концерти и фестивали, тие влетаа во бирократските костуми и се впуштија во битката за материјални добра и богатства, против кои, како музичари, уметници, студенти, млади воени ветерани, професори, битници и хипици, дотогаш, жестоко се бореа.
Но да се вратам на музичкиот „Вудсток“. Многу ѕвезди на фестивалот „Љубов, музика и мир“, настапувајќи помеѓу 15 август и раното утро на 18 август, ги испишаа најсветлите страни на историјата на рок и поп-музиката. Така, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, „Грејтфул дед“, Ричи Хејвенс, Џоана Баез, Мелани, „Ху“, „Крозби, Стил, Неш и Јанг“, „Џеферсон Ерплејн“, Џо Кокер, „Криденс клиервотер ривајвл“, Џони Винтер, Сантана, и уште 19 други тогашни рок-ѕвезди, на „Вудсток“ ги испишаа најсветлите страници на рок-музиката. Затоа што нивната музика не беше обична, туку порака, порака до целиот свет.
Пишува: Сотир Костов