Драган Б. Костиќ: Вудсток половина век подоцна

Зарем мина половина век? Како да беше вчера!? А чудно е што голем дел од тоа “вчера” владее и денес. Santana, John Fogerty / од Creedence Clearwater revival /, преполовените The Who, Crosby Stills, Nash Young, се уште полнат големи концертни простори, како потврда за својот неминлив квалитет а пројавен токму на две и пол километарската фарма на Maks Jazgur.

Сепак, далеку од актуелните збиднувања денес, учесниците на Вудсток изминативе децении, како не случајно одбрани учесници,туку како носители на квалитетот и новите ветришта во обезбедувањето на вреднуван статус на рокот во етаблираната сесветска култура, ја вршеа својата мисија на Месии во одбрана на постулатот – создавање верба во вредносни норми.
Од денешен аспект на исклучително комерцијално вреднувана музика, можеби наивно / за генерацијски припадните – невино / делува ентузијазмот за првото големо, со повод собирање поради музика, на половина милионска маса луѓе, во екот на виетнамските воени ветришта, како американски, но и глобален анти воен протест.

Урнекот -”дека може”, до денес неброено пати повторен но само неколку пати -потврден / Live Aid 1984 како пример/ е само потврда за непроценливата важност на тридневната Вудсток епопеја. Оние кои минуваат низ дупката во ѕидот, минуваат низ неа и не прашувајки ги оние кои ја пробиле, да ли ги боли главата од удирање во него. Вудсток генерацијата, учесниците и публиката, (не само присутната на местото на настанот туку и ширум светот ), го пробија ѕидот со своето собирање за тридневна прослава на мирот, љубовта и музиката, генерацијско кревање глас на протест против состојбите, моќта и безумието.

Музиката беше sврзното ткиво, нитката која ги обедини бисерите во ѓерданот, со кој времето се гордее и денес.

Оддекот на успехот на реализацијата на идеата ширум светот се подоцнежните фестивали, кои со време се претвораат во комерцијална лакрдија / без оглед на квалитетот /, чиј ефекти се почувствуваа и на екс југословенските простори / подоцнежниот концерт на Бијело дугме кај Хајдучка чешма /, но и минорно на македонските простори: рок фестивалот во тогаш исушеното Езерце во градскиот парк во Скопје. Неможноста за информативна експреност, ги забави можните ефекти, но подоцнежниот епитет на големиот број успешни изведувачи: Учесник на Вудсток, поттикна голем број луѓе да го пронајдат аудио записот од фестивалот и да ги запознаваат своите средини со неговото пред и се документарно значење.

Голем број учесници на легендарното собирање, активни се и денес, сеуште полнат големи концертни простори, како потврда за својот неминлив квалитет, не одбегнувајки да го спомнат својот придонес на фестивалот. Подоцнежниот филм само ја заокружува сагата за тридневниот настан на две и пол километарската фарма на Макс Јасгур во близина на гратчето Бетел / кое е поблиску од Вудсток, во државата Њујорк /, и кој засекогаш ќе ја измени историјата на рокенролот и музиката воопшто. Неговите ефекти денес се минорни за сегашната состојба на популарната музика, но така било и ќе биде: новите генерации забораваат на усилбите на претходните, за да нештата бидат поинакви од тогашните.

Затоа од време на време треба да се потсетуваат, како во оваа пригода, половина век подоцна, за да евентуално се обидат да создадат нешто што како позитивен миг на времето, ќе се спомнува и наредните децении.

Иако ги немаа таквите како Jimi Hendrix, Janis Joplin или Grateful dead Joe Cocker, Alvin Lee (од Ten Years after) John Winter, секоја генерација во низата требала да се запраша: вредела ли болката во главата при пробивањето на ѕидот?

Ако вредела, тогаш не било на одмет во име на секоја наредна генерација , да се одболува болката, за да може за неа да се зборува со почит и наредните децении.

Пишува: Драган Б. Костиќ

You May Also Like