Вчера вечер (среда, 13 ноември), на свечена церемонија во Македонската опера и балет, а по повод 75 години од одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, градоначалникот Шилегов и претседателката на Советот, Љубица Јанчева, традиционално им ја врачија наградата „13 Ноември“ на добитниците.
Добитник на наградата од областа на културата ја доби д-р ДИТА СТАРОВА ЌЕРИМИ, директор на Националната галерија на Македонија (од 2015 година наваму) за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.
Наградата ја додели Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, по спроведено тајно гласање, и официјално ги објави добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2019 година. Тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.
Други добитници на оваа значајна награда се: oд областа на науката – проф. д-р ХРИСТИНА СПАСЕВСКА; oд областа на хуманитарната активност – д-р ЖИКИЦА ЃОРЃИЕВСКИ; oд областа на уметноста – ФРОСИНА ЗАФИРОВСКА и БИСЕРА ЧАДЛОВСКА; oд областа на публицистиката – ЕРИНА БОГОЕВА; АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ; oд областа на спортот – КАРАТЕ КЛУБ РАБОТНИЧКИ СКОПЈЕ; АЛИЛИ БЕСИР; Ученици и студенти – АНА МАРИЈА АТАНАСОВСКА и СТЕФАН СТОЈКОВИЌ.
Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.
Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот, како и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.
——
Дита Старова Ќерими функцијата директор на Националната галерија на Македонија ја извршува од 2015 година и во релативно краток период ќе успее севкупната позитивна енергија на колективот да ја насочи кон претставување на фундаментални автори и дела кои ја обележале македонската ликовна уметност, но и на автори од странство.
Станува збор за мошне успешната јубилејна изложба на дела на сликарот Петар Мазев , отворена во 2017 година, (проследена од над десет илјади посетители), по што следуваше и една од најголемите и најуспешни презентации на творештвото на сликарот-муралист, Борко Лазески, како и изложбата посветена на стогодишнината од раѓањето на сликарот Ибрахим Кодра, еден од последните европски колоси на кубизмот. Следуваа и други изложби со дела од домашната и светската ликовна уметност.
Заслужува да се посочи и на реализираните пригодни и специјални проекти по иницијатива на директорката за подигање на јавната свест за најранливите категории на деца преку организирање на голем број ликовни работилници, на различни настани функционално прилагодени на децата со посебни потреби во спрега со компетентните институции, но и со ангажман на нивните родители. Тука спаѓа и ликовно – едукативниот проект ,,Уметност за сите’’, наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, поддржан од Холандската амбасада во Македонија.
Старова Ќерими како директор на НГМ е вклучена и во реализација на дел од значајните проекти за реставрација на Спомен собата на Лазар Личеноски и на изложбените објекти „Даут пашин амам“ и „Чифте амам“ кои претставуваат споменици на културата и заштитено културно наследство.
фото: Денис Јагџи
Извор: фејсбук на НГМ