Слобода!!!

Денес е 9 мај. Некои го викаат денот на Европа, ама јас па по старо, како што е, Денот на борбата против фашизмот!

Ни легна 9 мај, за мерак. Токму денес и дознавме точно и прецизно кој е исходот од изборите. Целосен потоп на владејачката СДСМ, и секако Пировa победа на ДУИ. Партија која никако не сфаќа дека односите со партиите кои се носители на владата се негуваат. По изборите во 2016та, и трошењето и газењето на СДСМ изминатите 7 години, си ја затворија вратата за во Влада за неколку години минимум. Таков чалам и ароганција, па и заканување, никаде не води. Ќе имаат време да оладат глави и да се преиспитаат, за да можат повторно да бидат релевантен фактор, кој би продуцирал стабилност, а не немир и поделби.

Што да се каже за двојните избори? Ајде прво за Претседателските! Стево и кога е газен и демолиран, друг му е крив. Криви биле партиите на македонските албанци зошто не го поддржале затоа што тој тоа го планирал и му биле идеолошки блиски. Генијално. Криви му биле одредени новинари и медиуми. Види бога ти! Човекот кој е експерт за киксови. Човекот ради кој сите ни се смеат, ве секого бара вина, во себе не! Со коментари на маалски финтаџија, кој нели ги скокоткал гардистите, кој на Бојко Борисов му вика „љубави“, кој пост фестум оддава државни тајни во јавност за да се факторизира, мој менува ставови и изјави и вели дека му ги извртуваат, кој дава помилување на криминалци и мафијаши, кој оговара и потценува луѓе и им се меша во приватниот живот, тој најде да глуми жртва. Генијално!

Дефинитивно, најлошиот Претседател кој сме го имале. Не за друго, сите други пред него, без оглед на минатото, барем имаат цврста патриотска нишка, дури и еден Бранко (м.з. Црвенковски), за разлика од Стево кој ќе биде запаметен како предавник на сопствениот и „северџан“. Жалното е што ќе треба до крај на животот да му даваме плата и пензија, буџет и вработени, како бивш Претседател. Според постапките, ќе биде дел од мрачната историја на Македонија, иако тој за себе мисли се најдобро, и дека е некаков европеец со визија. Мој став е дека тие 250 илјади гласови му се многу. Не требаше ни да биде кандидат, ниту пак да влезе во втор круг.

Парламентарните избори конечно искристализираа многу работи. Има шест партии со над 50 илјади гласа, и еден куп маргиналци под 5 илјади. ДУИ со надеж дека ќе остане во Владата, за да постигне бројка на избори не излезе како ДУИ туку како некаков Европски фронт, со дури девет партии. Собра се албанско што можеше и што остана во политиката, воглавно отпадници од други политички субјекти, и надодаде партии со турци, роми и бошњаци. Така да малку е смешно да се зборува за албански блок, а да се глуми мултикултурализам, за албански предзнак. На крајот, што и да прават им е џабе, зрели се за опозиција, и време им беше. Треба да се прочистат, преиспитаат, преструктуираат, а дел од нив и да одговараат.

СДСМ го достигна дното. Го извојуваа најлошиот резултат во своето постоење. Пола членство им отиде со ЗНАМ, дел со Левица, други дури гласаа за ВМРО ДПМНЕ, а голем дел го бојкотираа гласањето. Се што му се случува на СДСМ го заслужија. Очекувам добар дел од нив кривично да одговараат, кој за криминал, кој за злоупотреба на службена должност, кој за велепредавство.

Левица успеа да стане пратеничка група. Фатија пратеници секаде, освен во шестка. Да се надеваме дека ќе работат за народот и македонските национални интереси. На локално ниво тоа баш и не го покажаа и докажаа, најмногу поради непринципиелните коалиции.

ЗНАМ изникна брзо, да видиме дали брзо и ќе изнедри добри кадри или ќе зависи од стари незадоволни СДСМ структури. Тоа ќе им го трасира патот, дали ќе траат или брзо ќе се распаднат.

Коалицијата ВРЕДИ (VLEN) доби голема поддршка од ВРМО ДПМНЕ. Успеаја да ги надминат личните фрустрации и нетрпеливост, и сфатија дека само заедно жилат да се спротивстават на ДУИ. Дали ќе успеат да бидат конзистентни во агендата, или ќе се испокараат за функции и вработувања, до нив е. И да, единствена нивна шанса да долго опстојат е да се борат против криминалот и клиентелизмот на ДУИ, а не да продолжат по нивни стапки.

За крај, победничката ВМРО ДПМНЕ! Одличен резултат. Ги надмина очекувањата, и покрај сите сопки и сплетки. Резултат за почит кој би требал да гарантира стабилна влада. Не смее да потпадне под уцени на коалициски партнери, и не смее да прави отстапки. Очекувањата од народот се огромни. И во сферата на финансиите и стандардот, но и во оние на почитувања на законот и правото, а најмногу за македонските национални интереси, јазикот, симболите, именувањето.

Се надевам дека се има издржан план и добра селекција. Програма се има, се детерминира агенда за работа, и секако селекција на кадри. Реално, во кор од шест месеци, ќе мора да се смени 95% од ова што е наследено, затоа што најголемиот дел е или „на криво насадено“ или со „крокодили“ во позадината кои чекаат да испливаат.

Нека ни е честито ослободувањето од власта кое едно ветување, друго правеше. Програмата и ветувањата мораат да бидат светост. Доста ни беше од лажговци и измамници.

Александар Ристевски

 

извор: Курир.мк

You May Also Like