Воодушевен сум од се ова што има се случува на ударната петорка на Honeyland, плус ѕвездата во раст, прекрасната Атиџе Муратова. Овие петмина филмски работници, покажаа и докажаа дека кога се има добра приказна, посветеност во работата и добро воигран тим, дека успехот е неминовен.
Филмот е реален, питок, интересен, покажува една интересна животна приказна, покажува една друга страна на Македонија. Онаа раселената, заборавената, онаа без вода, струја, патишта, без никакви услови за живот. Онаа Македонија во која треба да се качиш на рид, за да фатиш мрежа за радио или мобилен.
Филм кој зборува за тешкиот живот на една возрасна жена која живее во супстандардни услови со нејзината стара мајка, а егзистенцијата ја наоѓа во правењето/собирањето мед, на традиционален начин.
Самиот филм својата премиера ја имаше пред една година. Кога се виде дека истиот ќе „експлодира“ и дека ќе ги добие сите филмски награди, изминатите месец два сите скокнаа. И секако како и за се во Македонија, два екстреми. Едни душмански го колнеа и деградираа филмот, другите го величаа до бесвест, според мене дури и лицемерно, а многу често без да го гледаат истиот.
Најголемиот спин кој се форсира последниве неколку недели е дека ВМРОвците го мразеле, а СДСМовците го поддржувале. Која будалаштина и идиотизам! Божееее! Прво, убаво е да се знае дека е поддржан во времето на претходната власт. Подоцна, новиот директор Тозија го поништи истиот конкурс, истиот е повторно распишан, на кој 90% од истите добиваат повторно, со тоа што како што и самите филмаџии рекоа, парите од Македонија ги добиле дури од кога го направиле филмот, некој месец пред премиерата.
Дали знаете колку Македонија ја чини овој филм?! Само бедни 50 илјади евра! Ова е доказ дека не е се до парите, туку до компактноста на тимот, приказната и желбата на сите да се направи уметничко дело. Остатокот од парите, ако не грешам се швајцарски, за други не знам.
Интересно е што сега, пост фестум, државата дава 3-4 пати повеќе за промоција на филмот, отколку што се дадени за самиот филм. Тоа само покажува дека неретко и со мали пари, се прават големи нешта.
Уште поинтересна ми е самата политика. Ветуваат се и сешто, наместо да се воспостави стандард и критериуми, или пак да се даде мала креативност во тоа што се нуди. Смешно е оној градоначалникот на Лозово да каже дека ќе ја вработи Атиџе. Оној истиот кој задниве неколку месеци не се симнува од телевизиите поради неговото однесување кон вработените.
Алооо! Атиџе не треба на 50 и кусур години да ја направите административка. Треба да и се даде поддршка, таа својот мед да го пакува во мали брендирани теглички, и некој да застане зад неа медот да се продава како ексклузивен производ.
Атиџе ќе биде многу по среќна, исполнета, и финансиски обезбедена, отколку да биде административец во селска општина за фиксна плата. Ве молам не правете глупи чекори, преку ноќ. Дајте малку креативност. Жената е веќе ѕвезда. Помогнете и тоа да го наплати. Не да ја отапите, да мора да оди на работа секој ден!
Би сакал малку време да посветам и на сите оние кои го плукаат филмот, без оглед дали го виделе или не. Не знам зошто се потресуваат за документарец, уште па документарец кој не им се допаѓа? Ако не ви се допаѓа, о кеј. Поштено! Но, зошто толку негативен став? Теоријата дека филмот се форсира од западот за да се промовира „Северна Македонија“, ми е нелогичен. Еве, ве демантираат Самир Љума и Фејми Даут, кинематограферите на самиот филм. Излегоа и секаде јавно велат и ја промовираат МАКЕДОНИЈА.
Секоја чест дечки! Затнавте многу усти, испаднавте поголеми од многу „ново печени“ северџанчиња, кои иако не мораат го форсираат новото име и каде што не мора и каде не се обврзани. Вие сте Македонија! Се гордеам со вас.
Уште една многу битна поента. Драги мои, филмот Медена земја, ниту е промотивен филм за државата, ниту е со цел да ја претстави Македонија во некакво нереално светло. Ние последниве години снимаме можеби десет играни и сигурно педесет документарни филмови годишно. Да филм постигне ваков успех, треба да сонуваме. Не заборавајте, последен голем успех нашата кинематографија имаше пред 26 години. Олабавете! Велите филмот не ја претставува реално Македонија? Напротив.
Како човек кој израснал во чаирско Топанско поле, Атиџе е баш мојата Македонија. Како етнолог кој одел на терен и видел се и сешто, токму нејзиниот живот е онаа вистинската реална Македонија. Потврда за миграцијата село – град, доселувањето на сите во Скопје или трајното селење во странство.
Од друга страна, Атиџе е доказ колку е Македонија голема. Таа е скромна, мила, чесна, добродушна, со вредности зад кои стои, останува да живее во супстандардни услови за да ја исчува мајка и, и во сиромаштија не посегнува по негативности, туку се бори. Зборува одличен и течен македонски, не ги дели луѓето и се радува на се. Да, тоа е мојата Македонија. Неискварена!
Инаку, врвот ми беше која таа во автомобил, заедно со Самир Љума пее нејзина авторска песна на македонски, која ја смислила за нејзината мајка. Атиџе, ти си Македонија! Фала ти, ми ја врати вербата дека Македонија ќе ја биде. Кротка и умерена, позитивна. Без екстремизам, но и без северџанство. Со почит.
За крај да ги именувам и пофалам целиот тим, онаа ударна петорка, но и совршените Фолтин. Бенд кој просечниот Македонец не е свесен дека ги има, и колку истиот тежи. Претпоставувам, дека Фолтин на стари години ќе прават балкански и европски турнеи, пеејќи повеќе од пола репертоар на македонски. Дека еден ден македонската дијаспора нема да вика наши народњаци и српски турбо фолкери. Фолтин, алал.
„Медена земја“ има две номинации за Оскар, за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Филмот е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер. Кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума, кои деновиве ја освоија и наградата за најдобра кинематографија за документарен филм на 34 доделување на ASC (The American Society of Cinematographers) наградите. Овој тим, заедно со Атиџе Муратова се убавото лице на Македонија. Квалитетни, професионалци, скромни во настапите и моментално најголемите македонски амбасадори.
Конечно нешто позитивно и убаво, во напливот на негативности и гадотии кои секојдневно не трујат. Дечки, не дозволувајте дневната политика да ве контаминира. Благодарност што не се „посеверџанивте“, што си го почитувате народот кој се чувствува силуван изминатите неколку години. Ви благодарам.
Вие сте Македонија. Онаа „Медената“, не оваа актуелната, со пелин на устата.
Александар Ристевски
Извор: курир.мк