Она што се случува изминатите година и половина поврзано со светската пандемија на коронавирусот, ќе влече долгогодишни последици врз севкупната популација, на светско ниво, но најмногу во земјите со специфични културолошки карактеристики, плус оние кои лошо се справуваат со кризата.
Зошто го велам ова? Одредени земји и народи (скандинавците и генерално северните народи, или земјите со специфични културолошки или верски карактеристики) имаа по мала социјална интеракција и во нормалниот живот, и пред светската пандемија. На тоа да го додадеме и начинот на справување со кризата и мерките кои се носеа.
Како ние се справивме? Имам впечаток дека добар дел од одлуките се донесени панично и со брзање, а дека многу од нив имаат и дневно политичка конотација. Најголемиот проблем е селективното применување на законот и двојните стандарди при санкционирањето. Извинете, ама фарса е да се ловат мали кафетерии, а да имате клуб во строг центар во Скопје и во Струмица, каде се собираат илјадници лица и се тераат концерт по цели ноќи, без никаков ред. Извинете, но фарса е да се пуштат границите слободни за влез и излез без строги контроли, и да повторно ни се случи тоа кое се случи минатата година, и да заклучно со вчера да гледате како вашите познаници до последен ден користат можност за журки и свадби каде сите испотени и гушнати на цел глас пеат.
После една година пекол за сите, Влада ги укина сите мерки. Единствено остана дека во автобус и продавници и затворени објекти треба маска, и толку. Два месеци имавме целосна анархија. Што се случи? Уплашените и оние кои видоа мака од короната уште толку се затворија и изолираа од страв и паника. Останатите како „куче пуштено од ланец“ удрија на забава да надополнат за се она што го пропуштија задниве година и кусур. Што добивме како „награда“ за сето тоа? Нови заболени, и нова најава за репресија на сите нас, колективно!
Дали сте приметиле што се случува со многумина во нашето опкружување? Луѓето по раздразливи се, по нервозни, многумина почнуваат од старт да зборуваат со повишен тон на граница со викање, нападно и гласно смеење, конфликтност, верување во разни неразумни теории на заговор, недоверба кон никого (институции, доктори, медиуми пред се). Тоа е само потврда дека самата корона нема да удри толку силно, колку овие нус појави кои ќе траат многу подолго, а ќе придонесат силно до општественото разградување, поделби и дисфункција.
Каде е тука власта? Мојот впечаток е дека приоритетот и е на голото опстанување на власт. Извинете, но во време на пандемија и криза, кога и стопанството тоне, место да се делат средства и помош фирмите да се преориентираат на услужни дејности со испорака, да се субвенционираат еко возила за испорака, апликации, електронско плаќање, државата дела ваучери за одмор, дава пари за плати во дејности кои очигледно ќе замрат, а многумина газди иако земаат пари од буџет калкулираат врз плаќањето кон работниците.
Во образованието, наместо да се работи на концептот на “home schooling“ исто како и он лајн наставата, со средени платформи, со сајтови полни со база на податоци, со електронски изданија на сите можни книги, со кол центар кој би можел да ги опслужи сите кои сакаат да дознаат нешто за програмите (и наставници, и родители, и ученици) , ние ги чуваме децата по дома, без план, агенда и мерки, не знаејќи каде се тера и како. Од друга страна се менува образовната програма каде се поткопува македонскиот јазик, македонската национална историја, се релативизираат семејните вредности, а се експонира некаква либерална наобразба и покрај силното негодување на поголемиот дел од народот.
Сите овие протоколи, и сите двојни аршини при примената на истите, го поткопуваат функционирањето на системот и самата држава, а дефинитивно ќе влијаат врз пописот, кој искрено, се сомневам дека ќе се одржи (до поред некој ден бараа попишувачи со фејсбук реклами), а и доколку го тераат, самата организација и реализација мириса на фијаско. Како ќе му објасните на секој обичен граѓанин дека тој самиот без вакцина може само леб да купи, ама непознат невакциниран ќе му дојде дома.
Државата мора да воспостави ред и да го убеди народот дека може да и верува. Одговорно ви тврдам дека има двојни аршини, дека во делови од земјата не се почитува ниту еден закон ниту одредба. Народот е неедуциран, и неретко луѓе носат иста маска со месеци. Повторно не се мијат раце и води евиденција, а за ваша информација повторно кој сака влегува во моловите. Како? Сликана потврда за вакцинација од еден човек користат 10 луѓе. Тие на врата проверуваат дали имате сертификат, а не може да ве легитимираат, и повторно тие по снаодливите прават што сакаат. Сево ова што се прави е класична репресија и само предизвикува револт, иритација, поделба меѓу народот, и ги прави сите раздразливи, нервозни, и ќе остави долгогодишни последици. Дали и кога некој ќе се вакцинира е личен избора, а начинот на кои актуелната власт се справува прашање е на недели и денови кога ќе ескалира и ќе излезе целосно од контрола. Само потврдуваме дека не се знае кај се тера, а реперкусиите ќе бидат долгорочни за сите.
Александар Ристевски
Извор: Курир.мк