Утрово, на телевизија погледнав прилог во живо, во кој се зборува за недоследноста на државата, кон живот и делото на Есма Реџепова Теодосиевски.
Навистина е жално кога гледате дека оваа актуелна структура баш и е гајле за се што одредени лица дале за државата, туку се водат според максимата „купи ден – помини“. Нема државотворност, нема почит, туку само формалност, и правење лице, а бркање работа за себе самите.
Есма Реџепова, и нејзиниот брачен другар Стево Теодосиевски, по независноста на Македонија во 1991 година се вратија во Скопје, иако долги години функционираа и работеа во Белград. Со оглед на тоа што го свртеа светот, имаа стотици концерти на сите континенти, може да живеат било каде, или пак да останат во Белград, но тие се одлучија да се вратат во градот од каде се започна.
Самите изградија еден грандиозен објект на скопското Кале, недалеку од Музејот на современа уметност, на улицата Самоилова, за кој Есма по смртта на Стево потенцираше дека планира да го остави на државата, за да биде музеј на нивниот живот и дело.
Но, еве цели седум години по нејзината смрт, со оглед на тоа што државата не го прима подарокот од Есма Реџепова Теодосиевски, самиот објект лебди во воздухот, и дел од внуците и посвоените деца, се влечат по судови, обидувајќи се исиот објект да го присвојат и поделат, додека државата само треба да го изврши решението од тестаментот и да ја оформи и развие како независна институција, за која сум сигурен дека ќе има огромен интерес и од домашната јавност, и на целиот Балкан, но и низ светот.
Објектот се руинира, уништува, ограбува, а истиот со десетина души и државна помош може да биде дел од понудата на градот и државата, и да привлече туристи кои наменски би дошле.
Важноста на Есма е исклучително значајна за Македонија и повеќеслојна. Да, таа беше кралица на ромската музика, но од Македонија, која секаде ја претставуваше и промовираше. Изведуваше исто така еден куп македонски песни, но и авторски нумери каде и го промовираше македонскиот јазик. Да не заборавиме дека беше личност која посвои, изразна, ишколува и истера на прав пат еден куп ромски деца, кои подоцна створија семејства и станаа успешни луѓе, интегрирани во општеството.
Македонија и должи на Есма, но и на ромите во Македонија. Ваква негрижа само покажува како функционира оваа структура. Се надевам дека идната Влада, ќе покаже многу повеќе разбирање и умешност, од актуелните креатори на културните политики. Веќе видено е како се тера изминатите седум години во кој се сменија дури пет министри. Се работи суштински само кога се мора и под притисок на јавноста, а еден куп објекти и проекти дремат недовршени и на ниво на карабина, или се работат споро и крајот не се гледа.
Очекувам и се надевам дека државата ќе ги отвори очите, дека ќе го прими објектот во владение, дека ќе се оформи институција „Музеј на Есма и Стево Теодосиевски“ кој ќе си има своја и историски и етнолошка поставка, аудио соби, и ќе биде место кое ќе ја промовира ромската и македонска музика, фолклор и традиција, но пред се’ ќе го промовира животот и делото на овој брачен пар кои цел свој живот го посветија творејќи и правејќи добри дела.
Александар Ристевски
извор: Курир.мк