Национална галерија на Македонија ја најавува јубилејната изложба „110 години од раѓање“ на уметникот Лена Стефанова. Изложбата ќе биде отворена на 20.12.2024 година (среда) со почеток во 12 часот, на пладне, во објектот Чифте амам.
Претставува голем предизвик организирањето јубилејна изложба и одбележувањето 110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова. Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха.
Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.
Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.
Лена Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност.
Лена Стефанова е родена во 1913 година во Скопје, а починала во 1991 година. Живеела во Скопје.
Се школува во престижното француско училиште (Ecole Franco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства. Во ова школо Лена црташе, сликаше, изработуваше акварели и се предаде на учењето на занаетот. Овој период остава траен белег врз нејзината определба за сликарството.
Во периодот од 1945 до 1976 година работи како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати има прекин во педагошката дејност и тогаш работи како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.
Еднакво е спонтан и нејзиниот пристап кон педагошката работа. Предава француски јазик во основното училиште „Владимир Назор“, но исто е активна и во давањето приватни часови по француски јазик.
Во подоцнежните години па сè до крајот на својот живот, работи и твори како слободен уметник.
Член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија станува од неговото формирање во 1945 година и учествува на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност: Личеновски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други.
Учествува на изложбата на жени уметници организирана во 1981 година во Културно-информативниот центар во Скопје.
Лена Стефанова учествува на повеќе последователни изложби на жените уметници што се организирани по повод Светскиот ден на жената во текот на 80-тите години.
На изложбата Современиот македонски акварел, поставена од авторот Владимир Величковски, а организирана во Културно-информативниот центар во 1984 година, Стефанова е претставена со неколку дела.
Лена Стефанова, за време на својот живот, нема реализирано самостојни изложби, следните снаведени се организирани постхумно:
1993 – Скопје, Галерија Стоби (Низ севкупното творештво, цртеж, акварел, маслена техника)
2013 – Скопје, Културно-информативен центар (100 години од раѓањето)
2023 – Скопје, Национална галерија на Македонија, објект Чифте-амам, (Јубилејна изложба 110 години од раѓањето)