Игор Крајчев: Во Македонија е невозможно да се биде само писател

Во нашава ситуација, културата ни оддалеку не е на своето заслужено место и за тоа се одговорни многу фактори и чинители. Но тоа воопшто не значи дека таа реалност треба да се прифати како краен пораз, туку напротив како мотив повеќе за што понапорна работа – вели Игор Крајчев,  писател, поет, есеист и актуелен директор на една од најуспешните библитеки, велешката.

Првата книга поезија ја издава во 2005 година, а потоа следуваат прозни објави, научни истражувања, критички осврти и неколку значајни награди, меѓу кои само две од оваа 2019 година – „Петар Канавелич“ на Хрватското книжевно друштво и „Јован Котески“ на Културниот центар „Бран“ и ревијата „Бранувања“ од Струга. Во меѓу време Крајчев беше дел од организациониот одбор на Рациновите средби во Велес и активен член на претседатлството на Иако постојано со и во културата и книжевноста, сепак е скептик дека во Македонија може да се биде само писател.

Во кус временски период добивате две значајни награди што носат имиња на двајца великани – хрватскиот писател Петар Канавелич и нашиот Јован Котески. Како ги доживеавте?

  • Да се добие награда која носи име на книжевна грандиозност, како што се и Канавелич за хрватската книжевност и Котески за македонската, е секогаш голема чест, но во исто време и голема одговорност. Секако, импонира фактот што сте добиле признание од книжевната фела која го валоризирала вашиот труд и тоа ви дава своевидна сатисфакција и сознание дека сте на вистинскиот пат, но исто така ви вели дека сте ја поставиле онаа замислена пречка на достигнувања на едно ниво, под кое веќе не смеете да одите, а тоа подразбира дека во следните пројави истата треба и да ја надминете. Јас како автор, кој е се уште во својата четврта деценија, немам навика да ги бројам и пребројувам наградите и признанијата, не од причина што со тоа сакам да покажам дека не ми значат, туку затоа што сметам дека како творец се’ уште не го имам кажано последниот збор.

Освен во поезијата активен сте и во прозата и во есеистиката и книжевно-научните истражувања. Имате ли некој внатрешен компас што ви кажува што и кога да пишувате? Каде се чувствувате најсвој?

  • Првите книжевни пројави ги направив во светот на поезијата, со книгата „Реалности“, пред некои десетина години. Потоа имав две прозни објави во период од четири години, два романи, „Воини и херои“ и „Три секунди“, за потоа повторно да и се навратам на поезијата со две нови поетски книги „Круг полу круг“ и „21“ кои беа наградени со наградите „Караманов“, односно „Јован Котески“. Се чини дека моето досегашно творештво е некако расчекорено по траекторите на поетското и прозното и дека дури ни творецот во мене се’ уште не одлучил по која од нив сигурно ќе чекори. Она што е јасно е дека обете страсти тлеат со еднаков жар и дека ќе следат уште објави и од едната и од другата сфера.

Учеството на домашни и странски фестивали, научните средби, но и личното љубопитство ви дава увид во состојбите во македонската современа литература. Каква е таа денес, каква е споредена со онаа од соседните земји и светот?

  • Современата македонска книжевност е жива! Предизвиците со кои се соочуваме се одраз на новото време кон кое мораме да се адаптираме, но предзвици имало секогаш и тие постојат за да не’ направат уште посилни. Она што ме радува е тоа што македонската литература постојано има свои нови никулци кои ја раззеленуваат и збогатуваат, и тоа не кревки никулци кои ќе се откинат на првата бура, ами ластари кои тежнеат кон висините. Сметам дека ни недостига поголема општествена валоризација на книжевните трудови, како еден вид морална, но и материјална сатисфакција за авторите. Да не заборавиме дека во Македонија е речиси невозможно да се биде писател и само писател.

Директор сте на Велешката библиотека, која и официјално во два наврати е прогласена за најуспешна библиотека во Македонија. Каков е предизвикот за вас и тимот да се борите библиотеката да биде важен сегмен од живеењето на градот и заедницата, посебно во денешното време на неверојатна динамика, технолошки напредок и нашата зависност од него?

  • Велешката библиотека „Гоце Делчев“ е директен наследник на најстарото читалиште во земјава и како таква е репрезент на една изградена и развиена читателска култура. Велешани се навистина дисциплинирана и активна читателска публика која има изграден и префинет вкус, па е навистина интересно да се соработува. Од аспект на признанието „Библиотека на годината“ кое Библиотекарското здружение на Македонија ни го додели во два наврати и тоа 2014 и 2016 година, можам само да истакнам дека е заслуга на целокупниот тим кој работеше и работи во библиотеката, но и на нашите читатели кои се нашите верни консументи на сите активности кои ги подготвуваме. Така во Велес нема празна сала на книжевна промоција, нема непосетена изложба, нема слабо посетен саем, па оттука и на самите автори им е особено задоволство присуството и презентирањето пред велешката публика. Не е тајна дека светот се дигитализира и се менува, тоа е очигледно и се случува со светлосна брзина, па оттука и ние како библиотечен сервис мораме да бидеме во чекор со промените. Веќе започнавме проекти за дигитализација, а одамна пракса ни стана креирањето на аудио и брајовите книгите. Проектите со кои ја дисперзираме нашата активност, со цел да бидеме што подобар сервис на граѓаните ни даваат позитивен фидбек и претставуваат ветар во грб и поттик за нови иновации.

Бевте дел и од организациоскиот одбор на „Рациновите средби“ и на „Детските Рацинови средби’. Кои беа најтешките, а кои најлесните моменти од организирањето на една од најпрестижните книжевни манифестации кај нас?

  • Рациновите средби се еден од македонските книжевни брендови, кои годинава го имаа своето 56то поетско чествување на бесмртното Рациново име и дело. Можам само да се чувствувам почестен што во еден период од мојот живот сум имал можност да дадам сопствен придонес во креирањето и градењето на оваа манифестација, а со тоа и на културниот живот во мојот град и мојата земја. Предизвици секогаш имало, но после секое успешно реализирано издание, кога се сумираат резултатите, остануваат само незаборавните мигови, длабоките стихови и вечните пријателства меѓу поетските души. Кога има љубов и желба, секоја работа се чини како да е најлесната на светот. Горд сум што Рациновите средби растат од година на година и што се повеќе структури ја согледуваат нивната грандиозност и нивното книжевно, но и културно значење. Верувам во тимот кој ги гради, зашто тоа е тимо кој секогаш со многу љубов, стручност, но и со лична саможртва се вградува во она што претставува културен идентитет на еден народ.

Колку културата, а со неа и литературата имаат важен сегмент од нашето општествено живеење? што ни е главен адут, а што ни недостига како културна стратегија ?

  • Ова е навистина комплексно прашање кое не може да биде одговорено со неколку реченици. Мој став е дека културата треба секогаш да биде на пиедесталот на општеството поради тоа што таа е своевиден бренд по кој сме препознатливи во светот, туку затоа што е нераскинливо поврзана со идентитетот на еден народ, во случајов, македонскиот народ. Во нашава ситуација, културата ни оддалеку не е на своето заслужено место и за тоа се одговорни многу фактори и чинители. Но тоа воопшто не значи дека таа реалност треба да се прифати како краен пораз, туку напротив како мотив повеќе за што понапорна работа, за што поголем самопрегор и борба за што поголем и повисок статус на литературата и културата воопшто. Промените во општеството не доаѓаат сами од себе, нив ги носат оние кои не се плашат од нив и оние кои најмногу ги посакуваат. Не е доволно само да констатираме дека културата не ни е на завидно ниво, потребно е да се дејствува и да се покаже каде и е местото. Потребна е заедничко координирано дејствување на сите културни чинители, од Министерството за култура, преку институциите, преку книжевните фестивали до културните здруженија. Секој кој може да придонесе за културен развој потребно е тоа да го направи најдобро што може и да го прави секој ден. Наш најдобар пример за тоа каде ја гледаме македонската култура треба да бидат нашите дела. Дела со врвен квалитет, дела по кои ќе бидеме препознавани и дела на кои нашите сограѓани ќе се гордеат.

 

Александра Јуруковска

You May Also Like