Метрополис Арена во Скопје ќе биде местото каде што ќе се одржи вториот по ред Scream Music Festival, кој организаторите Нова Х Идеа го најавуваат за 11-ти февруари 2012 година.
Најголемите балкански бендови веќе го потврдија учеството на фестивалот, па затоа влезниците за овој голем рок-спектакл се веќе пуштени во продажба. Ареа, САРС, Негатив, Електрични Оргазам, Санаториум и најголемото изненадување на фестивалот Ласт Експедишн, се бендовите кои ќе ја тресат сцената на Метрополис Арена.
– Чест ни е што култниот македонски бенд од 90-те Ласт Експедишн, својот камбек во полн и оригинален состав ќе го имаат токму на Scream Music Festival. Ова ќе биде одлична можност за помладата публика во живо да ги слушне антологиските Шефе, Ќељав дабар, Без мене, Тину-нину песна, Не е важно, Интервју со скитникот, а со тоа да го почувствуваат духот на деведесетите – изјавуваат организаторите Нова Х Идеа.
Цената на билетите за вториот Scream Music Festival ќе биде следната: првите десет дена ќе изнесува 400 денари, од 15-ти до 29ти јануари 500 денари, а последните две недели пред фестивалот билетите ќе изнесуваат 600 денари. За оние кои ќе сакаат да го проследат настанот од галерија, билетите изнесуваат 800 денари. Продажната мрежа на www.mktickets.mk , Тобако Тугедер салоните низ цела Македонија, како и Југотон, Цвеќара Розе Веро 2 и Камарад Рамстор се местата на продажба на влезниците за ова второ издание на Scream Music Festival.