Во рамки на Саемот на книга, во четврток 10ти април, во 12 часот во салата за промоции, издавачката куќа „Галикул“ ќе ја промовира книгaта „О/Абдукција на теоријата Том 2: НАРАТОЛОГИЈА“ од Венко Андоновски. Промотор на книгaта ќе биде Тодор Чаловски.
По првиот том од О/Абдукција на теоријата, серија на теориски книги во кои ја преиспитува употребливоста на теориите за текстот и културата денес, насловен како Жива семиотика (и награден со наградата „Димитар Митрев“), Венко Андоновски продолжува во истата насока и во вториот том.
Овојпат, во вториот том, авторот ги става „под лупа“ наративните неории во ранг од формализмот до постструктурализмот и деконструкцијата, и преку тестирање на клучните поими – доаѓа до извесни важни заклучоци околу примеливоста на наратологијата денес. Кон наратологијата ја придружува и театрологијата, особено оној нејзин дел кој своите теориски концепти ги извлекува главно од наратолошките и семиотичките сфаќања за наративот, дејството, драмската ситуација и ликовите. Јасно е зошто е тоа можно: и наративот и драмите имаат ликови, дејства, заплет, логика на настаните/драмските ситуации.
И овојпат доминира лексикографски пристап кон материјалот, како и во Жива семиотика. И овојпат книгата има два дела – во првиот дел се разгледува историјата на клучните наратолошки и театролошки поими, а во вториот низ три есеи кои земаат за предмет наративи и една театарска претстава, се покажува применливоста на наратолошките и театролошките концепти денес.
Венко Андоновски (1964, Куманово) е истакнат македонски прозаист, драмски писател и есеист. Работи како редовен професор на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Постдипломски студии по книжевност завршил на Филозофскиот факултет во Загреб. Магистрирал на тема од хрватската (“Матошевите ѕвона”), а докторирал на тема од македонската книжевност (“Структурата на македонскиот реалистичен роман”), на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на повеќе значајни дела од полетo на кижевноста и науката за кои е наградуван со бројни признанија. Живее и работи во Скопје.