Pumpers на Бит Фест

Уште една содржински богата културна вечер.  Бит Фест на само три дена пред свеченото затворање на фестивалот, како и изминатите два месеци и оваа вечер ќе направи посебно раздвижување, овојпат со посебна концентрација на настаните во централното градско јадро.  Оваа вечер гостува бенд од Албанија, акапела хор од Словенија, а свој настап ќе има и познатата група Pumpers со што нивниот најнов албум ќе ја доживее и својата битолска промоција.

20:00 часот „Fanfares band“, Корча Албанија – Плоштад Магнолија

Дел од проектот кој со поддршка од Европската унија го реализираат Општините Битола и Корча е и гостувањето на Фанфари бендот од Република Албанија.  Проектот насловен ,,Граници без граници”, покрај предвидените работилници во кои учествуваат млади невработени лица, предвидува и размена на културни уметници односно нивно гостување во општината партнер.  Во тие рамки е и гостувањето на Фанфари бендот на БИТ ФЕСТ.

Бендот со своја програма ќе се претстави пред битолската публика, а ќе продефилира и по Широк Сокак.  Гостин на Пиво фест кој на 12.08 се одржа во Корча – Албанија беше битолската група ,,Pumpers”. Во рамките на овој проект, а како резултат на работата на младите луѓе од двете општини на 24.08.2011 (среда) во Фоајето на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата ,,Граници без граници”.

21:00 часот Концерт Акапела хор „Октетет“, Словенија – објект  Магаза

Акапела хорот „Октетет“ е формиран 2008 година како нова група од музичкото друштво – познатиот и реномиран октет Десетти брат кој постои 30 години. Новиот октет е со назив „Октетет“ што значи мал октет.  „Октетет“ го сочинуваа 8 млади момчиња на возраст од 23 до 31 година.

Младиот состав е под водство на Бојан Желиќ и досега има настапувано во повеќе земји во светот.  Во нивната агенда оваа година за прв пат е и Македонија.  Во нивната програма планирана е изведба на хорски песни од светски автори, како и преработки на словенечки народни песни.

Пред настапот на БИТ ФЕСТ, ,,Октетет” одржа два подготвителни настапи со различна програма на 21 ви август во Куманово и на 23 ти август во Велес.

22:00 часот Промоција „Oh what ever“ нов албум на групата „Pumpers“ – Широк Сокак

Новиот албум на битолската група „Pumpers“ вечерва ќе ја доживее својата битолска промоција.  На незаменливиот и единствен Широк Сокак со поддршка од БИТ ФЕСТ битолчани ќе уживаат во музиката на Pumpers.

„Oh Whatever“ е албум за моментите кога посакуваме да се откажеме, кога нешто ни изгледа премногу тешко и нереално,  кога мислиме дека сме дале премногу а не добиваме доволно за возврат. токму тогаш кога помислуваме „па сеедно ќе се откажам“ тогаш доаѓа пресвртот која ни дава нов поттик да продолжиме понатаму, посилни и поистрајни  да го достигнеме она што го сакаме, вели Ирена Димовска од Pumpers.

Албумот има 12 нумери, текстовите главно се посветени на љубовта, музиката и непоколебливоста, односно се она што ги води младите луге, а музиката е модерен поп-рок со влијанија на електронска и џез музика.

Изминатиот летен период Памперс настапуваше на повеќе фестивали во државата и регионот.  Дел од нив се и: настапот на 28.07 во Ресен како дел од тамошното културно лето, 12.08.2011 Корча-Албанија (Пиво фест – иако нивниот настап во Албанија беше за прв пат тие со воодушевување раскажуваат за незаборавното дружење со илјадната албанска публика од која биле одлично прифатени), 25.08.2011 Битола (БитФест).  Реализираните настапи од Памперс ги оценуваат како одлични, а истото очекуваат да се случи и на настапите кои им претстојат – и тие и публиката да поминат незаборавно дружење.

Настапите се реализираат како летна промоција на нивниот албум Oh Whatever кој својата пресс и клубска промоција ја доживеа во зимскиот период.  Сега албумот сосема заслужено се промовира на летните фестивалски сцени..  Покрај материјалот од албумот, на настапот на БИТ ФЕСТ, Pumpers ќе изведуваат и нови композиции кои ќе се најдат на новиот албум кој е во подготовка.

После БИТ ФЕСТ продолжуваат со нивните фестивалски гостувања:

28.08.2011 Прилеп (Прилепско културно лето)
29.08.2011 Неготино (Рок фест)
05.09.2011 Скопје (Карпошово лето)

Богатство од културни настани и несекојневни случувања БИТ ФЕСТ донесува и во сабота  на денот на свеченото затворање на фестивалот.  Голем огномет, изложба на фотографии од сите над 120 случувања на најдолгото и најсодржајно културно лето во Македонија, Модна ревија „Рециклирај се и рециклираното е убаво“ и се разбира она што ќе привлече многу внимание од центарот на Битола, од срцето чиј ритам надалеку одекнува, ќе заблеска големиот настан „Широк Сокак во бело“.

Во 23:00 часот БИТ ФЕСТ достигнува кулминација со DJ set и Кирил Џајковски.  Широк Сокак во бело е настан со кој 10 кафе барови од горниот дел на Широк Сокак унифицирани во бело, во бојата на помирувањето и симболиката на убавина ќе покажат дека и овие локали учествуваат во креирањето на културно – забавниот живот во градот, дека тоа се места во кои се родиле многу идеи кои кулминирале во успешно реализирани проекти.

Во петок на 26-ти овие кафе барови (Портал2, Симбол, Папаз кафе, Кафе ин, Инстинкт, Игучи, Легенд, Данте, Лектира и Пица ресторан Милениум) подготвуваат и своја pre-party подготвувајќи се за големиот настан в сабота.  Манифестацијата Широк Сокак во бело е дел од затворањето на битолското културно лето – главен настан на свеченото затворање кој е поддржан и од Пивара Скопје.

You May Also Like