На денешен ден е роден Димитар Кондовски (Прилеп, 30. IX 1927 – Скопје, 10. VIII 1993), еден од најпознатите македонски сликари.
Основно и средно образование завршил во Скопје, а Академија за ликовни уметности во Белград, во 1952 година, во класата на проф. Недељко Гвозденовиќ. Во 1958 година е на студиски престој во Париз. Во текот на 1961/62 година специјализира ѕидно сликарство во Рим. Тој има особено значење за развојот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, критика. Бил сценограф, дизајнер, член на МАНУ, професор на Педагошката академија во Скопје, член на ДЛУМ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Во почетокот, во сликарството на Димитар Кондовски се чувствуваат од Париската школа. Подоцна оформува автохтон и препознатлив геометриски израз, кој инспирација црпи од влијанието на средновековната византиска уметност, апстрактното сликарство, а понатаму и со мотиви од македонското народно творештво. Во овие негови слики-објекти, во начинот на изработка на делата користел технологија која е карактеристична за изработката на икони. Овој вид на геометриска апстракција со владеење на знакот, симболот и архетипските претстави авторот го развива по 1962 година, при што се чувствуваат рефлексии на асоцијативниот геометризам, посткубизам и конструктивизам.
Самостојно изложувал (од 1957 год.) во Скопје, Загреб, Рим, Тетово, Прибој на Лим, Њујорк итн. Изложувал на многу групни изложби во земјата и во странство меѓу кои во: Белград, Александрија, Сан Марино, Сао Паоло, Рим, Шел, Париз, Кан, Сир-Мер и итн.
Автор е на монументален сликарски објект во Железарницата во Скопје 1967 год. Награден е на 8. Медитеранско Биенале 1963, 3. Триенале во Белград, со Октомвриска награда за сликарство во 1964 и др.