Mилчо Манчевски – национален уметник за 2012 година

Министерката за култура Канческа-Милевска денеска (вторник, 22 мај 2012 година) соопшти дека македонскиот филмски режисер Милчо Манчевски е избран за национален уметник за 2012 година.

Комисијата за утврдување на предлог за национален уметник, во состав: Стојан Стојков-композитор, Данчо Чеврески-професор на Факултетот за драмски уметности, Влатко Стефановски-музичар, академик Луан Старова и академик Васко Ташковски, по разгледувањето на пристигнатите предлози на конкурсот објавен во април оваа година, одлучи дека Манчевски ги исполнува критериумите утврдени со Законот за националниот уметник и предложи да му се додели титулата национален уметник.

Неговото исклучително уметничко филмско дело пренесено низ призмата на филмовите е прикажано на најзначајните филмски фестивали во светот и е наградено со најпрестижните награди. Неговиот долгометражен филм „Пред дождот“ награден е со повеќе значајни врвни признанија, меѓу кои се „Златен лав за најдобар филм“ на Фестивалот во Венеција, „Златен Чарли“ на Фестивалот во Монс Белгија, како и „Гран при“ на Фестивалот во Санкт Петербург. Беше номиниран за најголемата филмска награда „Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје“.

Покрај наведените награди, филмот „Пред дождот“ освои и други признанија и беше прогласен за најдобар филм на годината во Аргентина, Италија, Шведска и Турција, а беше награден и во Австрија, Бразил, Порторико и др. земји. Списанието „Њујорк Тајмс“ го вброи во листата на најдобрите 1.000 филмови на сите времиња.
Манчевски во својата кариера е добитник на: наградата „11 Октомври“ за врвно остварување за филмот „Пред дождот“, наградата „Мајка Тереза“ за хуманитарна дејност во 2002 година, а во 2007 година од страна на Владата на РМ беше прогласен за амбасадор на културата на Република Македонија.

You May Also Like