Вечерва, (среда, 30 ноември 2011 година), со почеток во 20:00 часот, во салонот на МОБ ќе се одржи целовечерен концерт на Мандолинскиот Оркестар на МКЦ по повод 30 годишниот јубилеј од основањето на оркестарот.
Мандолинскиот Оркестар е основан во 1981 година, во рамките на музичката програма на поранешниот „Дом на млади – 25ти Мај“, денешен Младински културен центар.Иако членовите на оркестарот се аматери, тие одлично ги изведуваат делата на големите мајстори на музиката и звучат како вистински професионалци.
Репертоарот на оркестарот е богат и разновиден и вклучува дела на автори од различни епохи и стилови со акцент на сериозната музика и композиции пишувани во духот на македонскиот фолклор. Има учествувано на голем број фестивали во Македонија и во повеќе земји во Европа и има освоено престижни награди и признанија.
По освојувањето на повеќе награди на републичките смотри на мандолински оркестри во Прилеп следуваат настапите на:
– Интернационалниот фестивал на музика за млади во Вила Нова де Гаја во Португалија каде учествување 4 пати;
– Фестивалот „Музички Импресии“ во Бидгошч, Полска;Европскиот музички фестивал во Нерпелт, Белгија – три пати;Светскиот младински фестивал во Абердин, Шкотска;
– Учествува и на еден од најстарите за ансамбли составени од жичани инструменти кои се свират со плектрум во Логроњо, Шпанија;Меѓународен фестивал во Словенија (Стична) – два пати;
– Последно во низата успеси е освојувањето на Првата награда за оркестарот и специјална награда за диригентот на натпреварот на мандолински и гитарски оркестри „Прашки Струни“ во Прага, Чешка;
– Освоена втора награда во Имотски, Хрватска – 2011 година
На концертот по повод јубилејот ќе се изведе следната програма:
1. СТОЈЧЕ ТОШЕВСКИ ЉУБОВНА-ЈУНАЧКА – ДИПТИХ
2. ГОЦЕ КОЛАРОВСКИ „БЕТОВЕН“
3. ЈОХАН СЕБАСТИЈАН БАХ “СУИТА-АИР”
4. ВОЛФГАНГ АМАДЕУС МОЦАРТ “МАЛА НОЌНА МУЗИКА” -allegro
5. ХУЛИО РОДРИГО “АРАЊЕЗ”
6. ЈОХАНЕС БРАМС “УНГАРСКИ ТАНЦ БР.5”
7. ФРАНЦ ШУБЕРТ “СЕРЕНАДА” – Е-мол
8. ДРАГАН ШУПЛЕВСКИ “МАКЕДОНСКО КАПРИЧО”
9. АНТОНИН ДВОРЖАК “ХУМОРЕСКА”
10. ФРАНЦ ШУБЕРТ “МУЗИЧКИ МОМЕНТ”
11. СТОЈЧЕ ТОШЕВСКИ ПЕСНИ БЕЗ ЗБОРОВИ
12. ЉУБОМИР БРАНЏОЛИЦА ИГРА
13. КИРИЛ ТРАЈКОВСКИ ПОД ИСТОЧНО НЕБО
14. ТАКИ ХРИСИЌ СУИТА РУСТИКАНА- andante moderatto- lento,largo- allegro
Концертот започнува во 20:00 часот, а влезот е СЛОБОДЕН. Повелете на концерт.