Младите дебатираа, изнесуваа факти и зборуваа за приоритетите на кои што треба да се работи за да се обезбеди подобра иднина за идните генерации.
Во Гевгелија се одржа првата работилница од караванот на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) под наслов Гласот на младите: Иднината што ја сакаме“.
Квалитетни работни места, подобро образование, подобри здравствени услуги и зачувување на животната средина – се според младите од Гевгелија приоритетни теми на кои што треба да се работи.
„Многу е важно да се инвестира во младите и да се создадат повеќе можности да се слушнат нивните потреби, идеи и нивната визија за иднината. Во следните 10 дена ќе се одржат уште три работилници со млади во неколку различни града. Сите идеи и предлози што ќе се соберат од младите ќе бидат презентирани на 18 ноември на регионална работилница – за време на која уште 17 земји ќе зборуваат за потребите на младите. Ова е своевидно продолжување на светската дебата за усвојувањето на новите одржливи развојни цели кои и официјално ќе бидат усвоени на Генералното собрание на ООН во 2015 година, а ќе се стремат кон целосно искоренување на сиромаштијата во светот, подобрување на здравствените услуги, образованието, животната средина, достигнување на родовата еднаквост и рамномерен одржлив развој.” велат од УНФПА.