International Herald Tribune: Филмаџиите си најдоа плодна почва на Балканот

Во предновогодишното печатено издание на International Herald Tribune од 29.12.2011, од Лондон, авторот Нелсон Џорџ (Nelson George) на страниците 10-11, објавува текст со наслов: Филмаџиите си најдоа плодна почва на Балканот. Проследете го истиот, кој во голема мерка се однесува и на Македонија.

Мила Тураљиќ, триесет и две годишна српска режисерка, смета дека најдобрите времиња на филмот во земјите од поранешна Југославија- Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Македонија, Црна Гора и Косово, допрва доаѓаат.

Може да се рече дека голема група на талентирани млади режисери од регионот имаат свое влијание во меѓународните филмски кругови. Но, регионот, исто така ги привлекува и филмските режисери од странство. (Режисерското деби на Анџелина Џоли, филмот „Во земјата на крв и мед“ за војната во Босна во деведесеттите, делумно беше снимен во Босна…)

Војните од деведесеттите што ја распарчија Југославија, исто така ја уништија и филмската индустрија. Странските режисери престанаа да доаѓаат, освен позначајните исклучоци како Емир Кустурица, и локалната филмска индустрија пресуши…

Сега, кога регионот е релативно стабилен и повеќето од земјите од поранешна Југославија се движат кон Европската Унија, филмската индустрија повторно оживува.

„Чувствувам дека ова е време на големи случувања тука во смисла на изразувањето“, рече Теона Стругар Митевска, македонска режисерка чиј последен филм „Жената што си ги избриша солзите“, ќе почне да се прикажува на фестивалите во почетокот на 2012 година. „Долги години поминувавме низ војни и правевме филмови за војните, но сега, сè повеќе зборуваме за други нешта. Стануваме поуниверзални во поглед на пораката…“

Ко-продукциите за снимањето на филмовите имаат смисла бидејќи во земјите како Босна и Македонија недостасува инфраструктура, вклучувајќи опрема, екипа и објекти за пост- продукција.

Како што расте домашната филмска индустрија, така се зголемуваат и странските продукции. Барем за сега, снимањето во повеќето држави од поранешна Југославија е поевтино отколку во држави како Унгарија или Романија, а со тоа што Хрватска и Србија неодамна воведоа даночни олеснувања за странските филмски продуценти, снимањето на еден филм во регионот може да биде уште поевтино.

Македонските продуценти исто така се надеваат наскоро да добијат нов закон за даночни стимулации, а владата неодамна објави план за инвестирање во филмско студио. Исто така, се разговара и за креирање на регионална база на податоци што ќе им олесни на странските продуценти да лоцираат домашни актери, да најдат екипа и објекти за продукција во различни држави.

You May Also Like