Светски познатите калифорниски одметници, хероите на неколку генерации – Guns N’ Roses ќе настапат ова лето на главната бина на Exit фестивалот, во Нови Сад.
Од својот деби албум Appetite for Destruction од 1987 година, па се до последниот Chinese Democracy во 2008 година, но и новиот албум, за кого тврдат дека е веќе подготвен, GNR беа мисионерите на рокерската филозофија на слободата на чело со „лошото детиште“ и иконата на рокенрол културата – Axl Rose.
Својата светска популарност Guns N’ Roses ја стекнаа во осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години со својата мешавина на хард рок, блуз рок, хеви метал и глем метал, но и со спектакуларните концерти, скандали и тепачки. Ретко кој не ги знае песните како Sweet Child Of Mine, November Rain, Paradise City, Knockin’ on Heaven’s Door, Don’t Cry или Welcome to The Jungle.
Во април 2012 година Guns N’ Roses ќе станат дел од музејот Rock and roll hall of fame.
„Како еден од симболите на 80-тите години, Guns N’ Roses го вратија интересот за рок музиката кај најшироката публика во времето на превласта на електро и денс попот, осовременувајќи го неговиот хедонистички бунт со јазик разбирлив на новите генерации…“ – објаснува менаџерот на главната сцена на Егзит, Драган Амброзиќ.
Во интервјуто за NME во јануари оваа година Guns N’ Roses најавија дека во моментов нивниот приоритет се сели на седмиот по ред студиски албум, како и дека имаат доста нов материјал, така што на Егзит ќе можеме некои од нив да ги слушнеме премиерно. Сите претходни албуми на Guns N’ Roses се продадени во милиони примероци, достигнувајќи ги платинестите тиражи на топ листите ширум светот.
Својот настап на овогодинешниот Exit, кој ќе се одржи од 12-15 јули веќе го потврдија легендарните New Order, world music сензацијата Buraka Som Sistema, a Dance арената ќе ја угости познатата етикета Cadenza Records. По тој повод во Нови Сад доаѓаат Luciano, Reboot, Kenny Larkin, Robert Dietz и Maayan Nidam.
__________________________________________
За EXIT: Exit е летен музички фестивал кој се одржува еднаш годишно во Нови Сад од 2000 година. Фестивалот трае четири дена, се одржува во почетокот на јули, на магичната Петроварадинска тврдина која потекнува од 18 век, веднаш до брегот на Дунав.
Веќе со години Exit е еден од најдобрите музички фестивали во Европа, местро кадешто некои од своите најдобри настапи ги имале Snoop Dog, Prodigy, Paul Weller, Arctic Monkeys, Moby, Chemical Brothers, Frankie Knuckles, Iggy Pop, Garbage, Primal Scream, Roger Sanchez, Carl Cox, Jamiroquai, Nick Cave, Billy Idol, Portishead, David Guetta и многу други.
Влезниците за Exit се веќе во продажба, а во Македонија можете да ги набавите само на официјалното продажно место во Југотон (Скопје, Градски Трговски Центар, први кат).