Потпишана програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот меѓу Владите на Русија и Македонија

Министерот за култура д-р Елизабета Канческа-Милевска денеска (четврток, 01.03.2012 година) во просториите на Министерството за култура оствари средба со заменик- министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Владимир Титов.

На средбата Канческа–Милевска, меѓу другото, изрази благодарност за поддршката која Руската Федерација ја дава во поглед на установно име и суверенитетот на нашата држава. Беше потпишана и Програмата за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот помеѓу Владата на Руската Федерација и Владата на Република Македонија, со важност од 2012 до 2015 година.

Канческа-Милевска истакна дека Република Македонија и Руската Федерација досега имаат реализирано успешна соработка на полето на културата во сите дејности од областа на културата, како музејската дејност, театарската, филмската, музичката, а голем е бројот на македонските уметници кои успешно се претставиле во оваа земја и добиле признанија за тоа.

На средбата се изрази благодарност до Министерството за култура на Руската Федерација, за посветеноста, експедитивноста и професионалноста со која се реализираше манифестацијата Денови на културата на Република Македонија во Руската Федерација во октомври минатата година, а една година претходно пред македонската публика беше презентирана и руската духовна култура.

Министерката за култура информираше и за иницијативата за формирање културни центри во Република Македонија и во Руската Федерација за чие отворање истакна дека се очекува во текот на 2012 година да се потпише Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за основање и за утврдување на условите за работа на македонски културно-информативен центар во Москва и руски центар за наука и култура во Скопје.

Заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација Владимир Титов, го истакна своето задоволство од односите меѓу двете земји во областа на културата и додаде дека со потпишувањето на новата програма за соработка се отвора и можноста за признавање на дипломите на високообразовните установи во Република Македонија и Руската Федерација.

You May Also Like