Првиот турбо-фолк мјузикл на балканот “Шшшт попеј ми” ќе биде претставен утре (недела 21 април) од 18 часот во кино Милениум како дел од Скопскиот филмски фестивал.
„Шшшт попеј ми“ е македонско-бугарска копродукција, авторски филм на двајца млади режисери Андреј Илиевски Волкашин од Македонија и Петар Влчев од Бугарија.
Конечно културниот феномен турбо-фолк доби свој одговор со интелегентната среднометражна комедија, инспирирана од балканскиот бит и менталитет.
Филмот раскажува за Веска – наивна и трапава девојка, која што сонува за пари и слава. Очајна од својата лоша среќа, таа го напушта родниот град во потрага по животот од соништата. По патот ја среќава својата менторка – импулсивната но убава, улична проститутка Беба. Неочекувано, неуспесите што Веска ги ниже еден по друг во новата професија, ја носат чекор по близу до остварувањето на нејзините соништа.