Фестивалот кој има за цел да стане традиционален, премиерно ќе се одржи на 29 и 30 јуни 2012 на Градскиот стадион во Кавадарци, a е посветен на македонската рок-легенда, прерано починатиот рок музичар, тапанар и композитор Трајко Каров.
„Т’к- Так Фест“ е настан кој ќе ја продолжи мисијата на човекот кој целиот свој живот и го посвети на рок музиката. Инспириран од историјата на македонската рокенрол сцена, поддржан од нејзините основоположници, создаден за да креира нови генерации македонски музичари, „Т’К-ТАК ФЕСТ“ е ново име на македонската музичка мапа.
„Т’к – Так Фест 2012“ е составен од две фестивалски вечери.
Првата вечер ќе биде вечер на големи македонски рок имиња кои свиреле или соработувале со Трајко Каров. Ова значи дека на бината ќе видиме голем дел од луѓето кои ја создавале и креирале македонската рокенрол сцена, но и нови актуелни македонски рокенрол бендови кои во текот на својата кариера соработувале со Трајко. Согласно ова на програмата на првиот фестивалски ден ќе настапат: Автограм, Триангл, Мики Јовановски – Џафер, Зијан, Трн во око, Пу (Лева Патика), Игор Џамбазов, Венко Серафимовски, Дамјан Пејчиноски и уште многу други славни имиња кои значат на македонската рокенрол и музичка сцена воопшто.
Втората фестивалска вечер е вечер на нови бендови, кои ќе се борат за вредни награди кои ги обезбеди организаторот на фестивалот. Покрај нив, оваа вечер ќе биде збогатена со неколку големи имиња од македонската рокенрол сцена.
Организатори на „Т’к Так Фест 2012“ се Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, Градоначалникот Александар Панов и Советот на Општина Кавадарци.