Во понеделник (24 декември, 2012) во 19:00 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде промовирана книгата „Мелографски записи на песните на Никола Бадев“ од Роска Бадева.
Промоцијата е во организација на Дирекцијата за кутура и уметност на Скопје, поздравна реч ќе одржи Јорадн Плевнеш – ректор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА, а за Никола Бадев ќе говори Виолета Томовска. Во музичкиот дел ќе настапат ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. насока – традиционална музика и игра.
За книгата:
Има луѓе за кои може да се каже дека она што останало зад нив е вистинска вредност, дека тоа е дел од македонската душа во исконска смисла на зборот. Меѓу овие луѓе со кои се гордее Македонија е секако и незаборавниот Никола Бадев.
Иако физички не е присутен повеќе од три децении, неговиот дух живее меѓу нас преку неговата интерпретација на убавата македонска песна. Неговата музика сeуште се слуша, се пее и сведочи за неговиот непроценлив придонес во афирмацијата на народната песна, но и за аманетот што тој ни го остави – да го чуваме и негуваме нашиот фолклор.
Во историјата на изворната македонска песна, неговота интерпретација дефинира висок вредносен критериум. Неговиот топол, мекамлиски глас со кадифено звучна боја, прекрасно испеаните ситни украси, мелизми, останаа да живеат и влегоа во незаборавот на македонската музика – тивко пееше-далеку се слушаше.
„Мелографски записи на песните на Никола Бадев” е книга во која е мелографиран целиот негов опус со над 230 песни, автентично, онака како што тој ги испеал, на Бадевски начин, со сите украси, мелизми, глисанда во оригиналните тоналитети, во кои тој ги интерпретирал. Во првите три дела од книгата се опфатени сите три оркестри, со кои ги реализирал овие тонски записи: Народниот оркестар, Орекестарот од народни инструменти и Оркестарот чалгии на МРТВ. Четвртиот дел се состои во мелографирање на реализираните дуети со колегите – негови современици.
Во петтиот и шестиот дел од книгата се застапени снимките реализирани за дискографските куќи ширум поранешна Југославија, Австралија и Канада, како и од касетните продукции во Македонија.
Во последниот дел од книгата се прикажани авторските дела на Никола Бадев, како и песните напишани за него.