Со изведбата на „Соло за Лу“ на чешкиот театар Арха, синоќа (03 октомври) во 20:00часот, во НУЦК Ј.Х.К. Џинот во Велес, се затвори Второто издание на Меѓународниот фестивал за изведбени уметности ИМПАКТ.
Претставата е во режија на Јана Свободова, а изведбата е на Јинг Лу и е базирана на вистинската животна приказна на оваа млада кинеска глумица, пејачка и танчерка, емигрант во Чешка. Оваа интимна приказна, полна со трагедии, несреќа и амбиции се конфронтира со глобалното прашање на денешницата и амбивалентниот однос на западното општество кон Кина, којшто се простира од воодушевување од источната култура, до страв од превластот на кинеската економија. Јинг Лу е извонредна музичарка и пејачка, така што музиката ја има главната улога во претставата. Изведбата опфаќа чешки и различни кинески дијалекти, а ќе биде следена со соодветен превод на македонски јазик.
Се работи за актуелна приказна – како од аспект на интимната трагедија на емигрантите, така и од аспект на прашањето на стравот кој владее со општествениот поредок!
После седум претстави од Чешка, Шведска, Турција, Словенија и Македонија, една перформативна инсталација на уметница од Бугарија и серија од четири мастер-работилници под водство на странските учесници на фестивалот, завршува овогодинешното издание на ИМПАКТ Фест. Уште понеобично од минатата година, уште поинтересно, со уште поекстремно свежи и актуелни содржини. И оваа година Фестивалот си го најде своето место кај љубопитната и отворена велешка публика. И оваа година неговото случување одекна меѓу театарските работници и фестивалите со истражувачки карактер во Европа.
