Меѓународни денови на Општина Центар

Општина Центар  од 4 до 7 октомври 2012 година ја организира традиционалната манифестација „Меѓународни денови на Општина Центар“.

На манифестацијата ќе земат учество делегации од  општините Вaзраждање – Софија, Стари Град – Белград, Пула, Риека,  а додека улогата на делегат од Шевченскиот регион од Киев  ќе ја превеземе Амбасадорот на Украина во Република Македонија.

Во рамки на „Меѓународните денови на Општина Центар“, меѓу другото ќе се одржи тематска работна средба со наслов „Меѓународна соработка – предност за Европа“ на делегациите со претставници од Општината и Советот. На работилницата ќе биде наведено како соработката може да се користи како алатка за регионален развој и подобро искористување на регионалниот потенцијал во рамки на програмите за соработка и Европската групација за територијална соработка. За крај ќе биде потпишан  Меморандум за соработка кој предвидува меѓусебно вмрежување на сите 6 општини.

Како дел од манифестацијата, на 6 октомври во 12.00 часот, официјално ќе се отвори сквер „Јадран“, со пригодна уметничка програма. Вечерта со почеток од 19.00 часот во Музеј на Македонија ќе биде отворена изложбата „Стари мапи на Македонија од 15 до 20 век“. За крај ќе биде организиран специјален  концерт во Македонската опера и балет  во кој ќе учествуваат „Синтезис“, Влатко Стефановски со Теодосије Спасов од Бугарија и КУД „Кочо Рацин“.
За време на манифестацијата  делегациите ќе имаат прилика да ги посетат и знаменитостите на Општина Центар.

Целта на оваа манифестација е воспоставување на соработка на ниво на општините и размена на искуства на активности кои се во надлежност на локалната самоуправа, како и иницирање на заеднички меѓународни проекти.

You May Also Like