Подготовка на македонскиот павиљон на Венециското биенале

По повод престојното 55то Венециско Биенале и подготовките за презентацијата на нашиот Национален павилјон, во четврток, 16 мај 2013 година, во 10.30 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе се одржи прес конференција.

55то Венециско Биенале ќе се одржи од 1 јуни до 24 ноември 2013 година. Насловот на Македонскиот павилјон е  Silentio Pathologia, што е всушност проект на Елпида Хаџи Василева. Комесар е Халиде Палоши, куратор Ана Франговска. Инаугурацијата е закашана за 31.05.2013 година во 15.00 часот.

Годинава се одржува 55-то издание на престижната светска ликовна манифестација Венециско Биенале, на која за официјален претставник на Р. Македонија е одбрана уметницата Елпида Хаџи Василева, со нејзиниот проект Силентио Патхологиа. Организацијата и е доделена на Националната галерија на Македонија, а презентацијата е поддржана од страна на Министерството за култура на Р. Македонија.

Елпида Хаџи Василева е афирмирана уметница, чие потекло е од градот Кавадарци, а авторката се стекнала со високо и специјализирано образование во областа на уметноста на кралскиот колеџ во Лондон Англија. По завршувањето на едукативниот процес Хаџи-Василева останала да живее и твори во Англија, но нејзината активност и ангажираност е сестрана, т.е има изградено богата излагачка биографија, со многубројни успешни и реномирани проекти и во Велика Британија и во Македонија, а секако и во други културни центри низ Европа и светот. Одлуката на комисијата за избор на македонски претставник беше едногласна, имајќи го во предвид богатото искуство на Хаџи Василева, а секако и мошне систематичниот предложен проект за Венеција.

Идејата на целиот концепт насловен Силентио Патхологиа е да го проследи историското и географско ширење на болеста црна чума во светот, и конкретно Италија, која се верува дека се ширела по патот на тргувањето со свилата (таканаречен свилен пат) и која најмногу била разнесувана преку стаорците, кои пак од друга страна се еден од “заштитните знаци” на Венеција. Главната парадигма во делата на Елпида Хаџи Василева е создавање на една посебна специфична естетика во која убавото и грдото ги сменуваат своите улоги, никогаш ни едното ни другото докрај не ослободувајќи се од товарот на потребата за естетско. Друга спона е чувството на морничавост, т.е. непријатно чувство при добивање на сознанието за природата на материјалот на делото. Авторката најчесто работи со неуметнички материјали како: кожа од внатрешни органи на животни,  ципи од желудници, кожи од тестиси, мембрани, кокошји кожи, глави, рибји кожи и многу друго.)

Конкретниот проект за овогодинешното биенале ќе се состои од метал, свила, кожурци од свилени буби, плохи од пресувани кожи од бели стаорци и живи бели староци.

Проектот на Елпида Хаџи Василева одлично се вклопува во годинешната тема на биеналето – Енциклопедиска палата, палата на сите знаења, бидејќи во себе вклучува интересни аспекти за можните фузии на уметноста со сите останатите општествени и природни науки.

You May Also Like