Деновиве издавачката куќа Три го објави новиот роман на Митко Маџунков насловен „Птиците од ланските гнезда“.
За романот Венко Андоновски ќе забележи: „Маџунков напишал брилијантен роман. Иако станува збор само за прв том, веќе се насетува каде се движи неговиот пајажинест свет на сомнабули, чудесно извајани ликови од најнежна пена, апсурди кои засмеваат со горчлива смеа, ситуации кои ја уриваат тенката граница меѓу реалноста и сонот. Хипнос, Фобос и Дејмос – ете ги трите сателити што кружат околу овој чудесен, фантастичен, загадочен свет произведен од директно и крваво политичко милје – распадот на една голема кафкијанска држава од деведесеттите години на минатиот век. Иако дејството е сместено во Белград, интертекстуалните вкрстувања со важни книжевни дела и настани од светската историја (Чернобил) создаваат впечаток за панпланетарна енигма. Маџунков е мајстор и на еротското и на фикционализација на баналното: неговите јунаци паѓаат во невидливи временски џебови и понираат во паралелни светови. Затоа, неговиот роман може да се нарече политичко- метафизичко-еротско-космолошки роман. Едно е сигурно: македонскиот роман со ова дело покажува дека е висококонкурентен жанр со светските највредни романескни остварувања, иако е напишан на јазикот на една мала и за светот децимална јазична средина. Тоа е ремек-дело на нашата романескна продукција“.
—
Митко Маџунков (Струмица, 19 март 1943), раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист. Гимназија има завршено во Струмица, а Филолошки факултет (светска книжевност со теорија на книжевноста) во Белград. Работниот век го поминал главно во Библиотеката на град Белград, каде што е и пензиониран, како библиотекар-советник. Првите книги му се објавени првобитно на српски. Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: Исидора Секулиќ (1974 за Убиј го зборливото куче), Рациново признание (за Меѓата на светот), Војдан Чернодрински (за Големиот Смок и за Сенката), роман на годината на Детска радост (за Домот на Александар), книга на годината на Македонската книжевна фондација (за Кон другата земја); двапати ја има добиено и годишната награда на својот роден град Струмица. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (1986) и на Друштвото на независни писатели, како и на Здружението на писателите на Србија (1970). Од 2006 година живее во Македонија. Член е на МАНУ надвор од работниот состав (2003) и редовен член (2007)