Домот на културата „Кочо Рацин“ во соработка со издавачката куќа за деца и млади „Вермилион“, го реализираат мултикултурниот проект „Патуваме преку сказни“, под покровителство на Град Скопје. Настанот ќе се одржи на денеска (вторник, 2 април 2013) во просториите на Домот на култура „Кочо Рацин“, како дел од Фестивалот на книгата за деца.
Фестивалот се организира по повод роденденот на познатиот дански писател за деца Ханс Кристијан Андерсен, кој во светски рамки се одбележува како Меѓународен ден на литературата за деца.
Овогодишното издание на Фестивалот на детската книга е насочено кон моќта на литературата да не’ пренесе во различни делови од светот. Или како што ќе каже Д-р Сус „Колку повеќе читате, толку повеќе ќе знаете. Колку повеќе знаете, на толку повеќе места ќе отидете“.
Фестивалот започнува во 11.30 часот со литературно читање и разговор со неколку автори за деца од Македонија: Христо Петрески, Александар Прокопиев, Ахмет Селмани и Фахри Али, на тема: „Улогата и значењето на сказните во воспитувањето на децата и во образовнието на учениците.
Во рамките на Фестивалот, во 13.00 часот, ќе бидат претставени неколку нови книги во издание на Вермилион“: „Зборообразувајќи ги местата“ од Ирен Ниг (Лихтенштајн); „Млечниот пат“ од Барт Мојарт (Белгија); „Почитуван автору“ од Пол Меншип (Велс, Велика Британија); и „Внимавајте како играте“ од Ивона Шајатовиќ (Хрватска). Преводот на овие книги е реализиран со поддршка од Програмата за култура на Европската Унија.
Како дел од Фестивалот, во 19.00 часот, ќе биде отворена и изложба на илустрации за деца на која учествуваат седум македонски илустратори. Сите тие се пријавија и влегоа во потесен избор на конкурсите за илустратори кои „Вермилион“ ги објавува секоја година. Куратот на изложбата е Нада Пешева. Уметниците кои учествуваат на изложбата се: Катерина Соколова, Матеј Богдановски, Марија Настовска, Димитар Торбаков, Нита Муча, Дарко Алексовски и Анастасија Величковска.
Дом на културата „Кочо Рацин“ Скопје е јавна установа од област на културата која со својата дејност ја промовира културата и нејзините уметнички дострели. Од 1954 година во континуитет интензивно работи на промоција на сите облици на културни дејности со особена програмска цел, со едукативно културолошко делување врз сите старосни групи на населениетои различните етнички заедници, притоа негувајќи ги нивните вистински културни потреби.
Издавачката куќа „Вермилион“ е посветена на промовирање литература за деца и млади, во превод и од домашни автори, која поттикнува меѓународно разбирање и ширење на вредностите на културата за мир. Сите изданија на „Вермилион“ се печатат на рециклирана хартија.