„Понекогаш доаѓа среќа“ нов роман на Винка Саздова

„Понекогаш доаѓа среќа“ е новиот роман на Винка Саздова, издание на „Три“. Промоцијата на книгата ќе се одржи утре (среда, 3 април) во 19:00 часот во „Ил кафе ди Рома“ на ул. Македонија.

„Понекогаш доаѓа среќа“ е приказна за младата Гора која ќе се впушти во љубовна врска со зрелиот човек Давид. Гора е заплеткана во необични сестрински односи со Ведра, а Давид по разводот од неговата сопруга, опсесивно се врзува за своето синче. Насловот на книгата навестува среќен крај, но до него треба да се стаса низ многу пречки, болни и интимни соочувања и преиспитувања и низ созревање на ликовите.

„Од словесниот разбој на раскажувачот Винка Саздова, пред нас е третиот роман, третата емоционална арабеска, од која избликнуваат боите, мирисите, воздишките и солзите на едно сурово и докрај искрено соочување со противречностите што пред нас ги исправа нашата неповторлива човечност. Со веќе препознатливото мајсторство на раслојување и преплетување на нарацијата, односно наративните нишки, авторот слично на мудрата Аријадна ни го подава в раце само крајчето од багрениот (т.е. пурпурниот, крвавиот, егзистенцијалниот, саможртвениот) конец на приказната, кој ќе ни биде единствениот патеводител низ лавиринтот (или пустината) на една вртоглаво драматична себезагубеност“. – Отец Методиј Златанов.

 

„Понекогаш доаѓа среќа“ е трет роман на Винка Саздова. Досега ги има објавено „Последниот чај“ и „Полиња со диви нарциси“, кои во 2012 ѝ ја донесоа наградата Најчитан автор во Македонија. Досега „Последниот чај“ е преведен на српски, хрватски и бугарски јазик, а во Македонија доживеа  осум изданија.

You May Also Like