„Ноќ на поезијата“ вечерва во Битола

Поети од Италија, Русија, Данска, Сенегал, Шведска, САД и од Македонија, вечер во Битола ќе ја одржат традиционалната манифестација „Ноќ на поезијата“, која се одржува во соработка со „Струшки вечери на поезијата“.

Во пресрет на вечерашниот културен настан, претседателката на Советот на општина Битола Силвана Ангелевска приреди прием за поетите од странство кои за прв пат гостуваат во овој град, додека во името на поетите, домаќините ги поздрави Осман Сар Сарус од Сенегал.

– Во Македонија се чувствувам прекрасно затоа што сите се гостопримливи. Мојата желба е во Македонија да создавам поезија затоа што луѓето ми посакуваат добредојде и јас тоа го почитувам. Претседателот на Сенегал е поет и човек што ја сака Македонија и затоа верувам дека во иднина ќе се зајакнат комуникациските и други врски меѓу двете држави, истакна Осман Сар Сарус на денешната средба со новинарите во Битола.

Манифестацијата „Ноќ на поезијата во Битола“ ќе се одржи вечер во националната галерија „Магаза“ и освен гостите од странство со свои творби ќе се претстават поети од градот и државата.

You May Also Like