Невладината организација „Центар за креативен развој“, по повод Денот на Европа, 9-ти мај, го спроведува проектот „Најдобрите за ЕУ (The Best 4 EU), финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Македонија во соработка со ЕУ Инфо центарот, Универзалната Сала – Скопје, градот Скопје, средните државни училишта на градот Скопје, Зоолошка Градина – Скопје, Младинската асоцијација на средни стручни училишта на македонија – МАССУМ, СОС – детско село, Општина Центар со основните училишта и други.
Во рамките на проектот, предвидено е да настапат најдобрите средношколци во 6-те категории (музика, театар, мода, танц, филм и фотографија) од НИЕ СМЕ НАЈДОБРИ 2012, кои на 8 и 9 мај ќе и се претстават на публиката на градот Скопје на повеќе атрактивни сцени и локации.
Воведните проектни активности официјално започнаа со оддржување на првата креативната работилница во Едукативниот центар на Зоолошката Градина. Во петокот (12.04.2013 година), на работилницата присуствуваа голем број на средношколци од повеќе средни училишта од категориите мода, филм, фотографија и театар. Тие работеа на тема изработка на ЕУ фото календар и беа снимени првите кадри за краткометражниот средношколски документарен филм – Најдобрите за ЕУ , 2013 / позади сцената.
Покрај фотосесијата на „Најдобрите…“ средношколски модели, посебен акцент беше даден на фотографирање и претставување на модели и животни-маскоти од ЕУ членки.