Издавачката куќа Бегемот го објави романот-добитник на Европската награда за литература во 2009 година, „Мраз“ од Јацек Дукај.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Културната програма (2007-2013) на Европската Унија. Романот од полски јазик го преведе Филип Димевски.
Мраз од Јацек Дукај е научно фантастичен роман во којшто научниот дел, како што тврди самиот автор, е историозофија.
Делото најпрво било замислено како расказ. Но, двегодишната работа изродила роман во којшто густо се сплетени политички, религиски, културолошки и економски мотиви на Царска Русија којашто е заробена под Мраз. Тие претставуваат колористична заднина на фабулата испреплетена со историски размислувања на голем број ликови, психолошки забави на двајца протагонисти и карактеристични за авторот капитални опсервации во форма на дигресија. Во светот на Мразот владее двовредносна логика: ексцентричниот пронаоѓач Никола Тесла и полски сибирски партизани, логичка пумпа и математика на карактерот, теорија на срамот и теорија на пријателството, полски индустријалци и тунгуски шамани, детективистичка интрига и највистинска романса. Ледени гнезда и ладнезови салони, црна физика и сибирска бајка, пријателство и љубов, смрт и предавство. Живот како чудна форма на сињак врз стакло.
Во тој свет, во 1924 година варшавскиот математичар Бенедикт Ѓерославски ја прифаќа порачката на руското Министерство за зима, да оди во Сибир и да го пронајде својот загубен татко, Филип, наречен Татко Мраз.