На претстојниот 24. Меѓународен саем на книгата во Скопје, што ќе се одржи од 24 – 29 април, „Македонска реч“ ќе понуди околу триста свои изданија, од кои близу 60 се објавени во периодот од минатогодишниот до овој саем.
Меѓу новообјавените има дела од познати светски автори – романи од Стриндберг, Јан Неруда, Чарлс Дикенс, С. И. Виткјевич, десетина драмски дела од Ибзен, Стриндберг и Чапек, како и дваесетина прозни дела од најновата европска литература кои се наградени со високи книжевни награди во матичните земји (роман на годината, книга на годината…), меѓу кои од Анджеј Барт, Владимир Пиштало, Јарак, Сејрановиќ, Пјонтковска, Куќок, Каракаш…
По повод 100-годишнината од смртта на бардот на шведската и скандинавската литература, и едно од најголемите имиња на светската литература од крајот на 19 и почетокот на 20 век – Аугуст Стриндберг (1849-1912), „Македонска реч“ објавува избор од шест дела од неговото творештво, првпат на македонски јазик, а сите во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.
„Македонска реч“, која е ориентирана да објавува дела со висока книжевна и естетска вредност од повеќе области, во изминативе дванаесет месеци објави повеќе дела од домашни и странски автори и од областа на стручната литература (В. Проп), историографијата, но и од литературата за деца и дела на македонски автори, меѓу кои и второто издание на романот на годината за 2010 година – „Човекот што ги сакаше калинките“ на Душко Родев и второто издание на поетската книга на Науме Радически „Астрални проекции“, која се распродаде уште пред две години и која е прв случај во издавачката практика на „Македонска реч“ да се распродаде една поетска книга.
Инаку, на претстојниот саем „Македонска реч“ своите изданија ќе ги продава со големи намалувања на цените, а голем број изданија ќе распродава за 30 и 50 денари.