Изложба и концерт во КИЦ Софија

На 10 јули Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија ќе биде организатор и домаќин на два културни настани …

trio akordio m kis sofija

Програмата започнува со откривање на ретроспективната ликовна изложба посветена на 50 години од Меѓународната ликовна колонија во Струмица, на која низ 30 дела ќе биде направен пресек на најзначајните дела на една од најстарите и најпознати ликовни колонии кај нас. Изложбата ќе ја отворат директорот на на нашиот Центар во Софија, Васко Шутаров и директорот на Центарот за култура “Антон Панов” Струмица , Иван Јовев.

Ликовната колонија во Струмица своите почетоци ги има од август 1964 година, досега била домаќин на преку 1200 автори од сите светски меридијани а поседува богат ликовен фонд од преку 2.500 дела, меѓу кои и значајни дела од класиците на македонското ликовно творештво.

Во вториот дел од програмата ќе настапи триото хармоники “АКОРДИО М”, кого го сочинуваат Зорица Каракутовска, Бојан Волчевски и Филип Стамевски. На својот прв концерт во Македонскиот културен Центар во Софија, тие ќе се претстават со програма од Ј.С.Бах, А.Вивалди, В.А.Моцарт, Е.Илиевска-Бете, Е.Дербенко, А.Пјацола, Р. Галијано.

Триото во овој состав делува неколку години, а претходно членовите на составот биле дел од разни камерни состави. Проф. Зорица Каракутовска, Бојан Волчевски и Филип Стамевски имаат настапувано на концертни подиуми освен низ Македонија и во Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Португалија, Луксембург, Италија. Тие се чести гости на престижни европски музички фестивали и повеќекратни лауреати на “Акордеон Арт Фестивалот” во Италија.

И двата културни настани се дел од годишната програма на КИЦ на Република Македонија во Софија, поддржана од нашето Министерство за култура.

You May Also Like